Тајландската влада не ги одложува изборите
26 декември 2013„Изборната комисија рече дека одржувањето на изборите ќе донесе насилство, но владата верува дека одложувањето на изборите ќе предизвика поголемо насилство“, рече заменик-премиерот Фонгтеп Тепканјана. Тој додаде дека „не постои закон кој ќе и’ овозможи на владата да ги одложи изборите“. „Изборите на 2-ри февруари ќе се одржат“, рече Тепканјана.
Антивладините демонстранти инсистираат на тоа дека тие нема да дозволат одржување на изборите се‘ додека премиерката Јинглак Шинаватра не поднесе оставка. Денеска (26.12.2013) изби насилство меѓу безбедносните сили и антивладините демонстранти, кога тие се обидоа да влезат во стадионот во тајландскиот главен град Банкок, каде претставници на околу 30 политички партии се собраа за да се регистрираат за парламентарните избори. Притоа е убиен еден полицаец.
„Полицаецот беше погоден во градите и донесен во болница со хеликоптер. Тим од доктори се обидува да го реанимира повеќе од половина час“, информираа од Општата полициска болница.
За време на денешните протести, околу 500 демонстранти фрлале со чатали и камења. Тие дури употребиле и камион за да ги турнат оградите околу стадионот. Дел од медиумите јавуваат дека политичарите го напуштиле стадионот со хеликоптер. Поради политичките немири, тајландската Изборна комисија денеска предложи изборите да бидат одложени.
„Не можеме да организираме слободни и фер избори во сегашниве околности“, рече на прес-конференција членот на Изборната комисија Правит Ратанапиен.
Антивладините протести, кои почнаа во ноември, досега се одвиваа главно мирно. Демонстрациите избија кога премиерката Јинглак Шинаватра се обиде да поднесе закон со кој ќе му се дадеше амнестија на нејзиниот брат во егзил и поранешен тајландски премиер Таксин, за кого многумина веруваат дека и натаму има силно влијание.
Демонстрантите веруваат дека пред да се оди на избори се потребни суштински реформи.