Тачи не сака да го дели Косово, а Николиќ уште не го дава
30 септември 2012Претседателот на Србија Томислав Николиќ истакна дека Србија посакува членство во ЕУ, но дека нема да трча за никаков датум затоа што, како што подвлече, 10 години трчање доведе на ивица на просјачки штап. „Сега малку ќе мислиме на себе, имаме пријатели на сите страни и нека се натреваруваат во Србија, кој да ни помогне повеќе“, изјави Никлоиќ во Сава центарот во Белград на свеченот дел на Конгресот на Српската напредна партија на која беше избрано ново раководство на партијата.
Николиќ потенцираше дека Србија е подготвена да ги исполни сите услови кои ги исполнија другите земји на патот кон ЕУ, но истакна дека нема да се откаже од Косово и Метохија.
„Она што не беа услови за други земји, не треба да бидат услови ни за Србија. Без Косово и Метохија би се чувствувале како човек во велелепна палата болен на смрт“, рече Николиќ.
Тачи: Нема поделба на Косово
Косовскиот премиер во интервју за агенцијата АП се заложи за нормализирање на односите. „Косово е одлучно за дијалог со Србија, за нормализација на односите. Косово ќе има корист од тоа. Србија ќе има корист од тоа. Тоа би значело крај на периодот на конфлики во регионот и побрз процес на интеграција на сите земји“, изјави Тачи.
Косовскиот премиер рече дека преговорите меѓу Приштина и Белград треба да почнат што побрзо. „Мораме да почнеме. Што повеќе се оддолжува, процесот ќе биде потежок. Косово и Србија треба да се борат да го надоместат пропуштеното, за да се забрза процесот на интеграција“ во ЕУ, рече Тачи.
Косовскиот премиер рече дека Србите на Северот на Косово мора да се интегрираат во косовското општество, а тој процес, како што оцени, Белград го отежнува 12 години „залажувајќи ги дека ќе дојде до поделба“. „Тоа никогаш нема да се случи. Поделба би имплицирала промена на границите во најмалку шест земји“, рече Тачи.
Косовскиото премиер ги отфрли тврдењата од извештаите на швајцарскиот политичар и известувач на Советот на Европа Дик Марти дека припадниците на Ослободителна војска на Косово, вклучувајчќи го и него, наводно убивале српски затвореници во 90-тите и ги продавале нивните органи. Тие тврдења се „научна фантастика“, изјави Тачи, но призна дека тие нанеле штета на неговиот и имиџот на Косово.