1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Талмон: Пресудата во Хаг нема автоматски да ги отвори вратите на НАТО

5 декември 2011

Судот не може да им нареди на Грција или на НАТО, Македонија да стане членка на НАТО, но пресудата има голема правна и морална вредност. Спорот ќе биде решен само преку политички компромис, оценува д-р Штефан Талмон.

https://p.dw.com/p/13LLG
Професор д-р Штефан ТалмонФотографија: Stefan Talmon

Професор д-р Штефан Талмон е шеф на Институтот за меѓународно право на Универзитетот во Бон. Тој е експерт за јавно, меѓународно и европско право, а работи и како професор по Меѓународно јавно право на британскиот Универзитет Оксфорд. Талмон е советник на повеќе држави и меѓународни организации по прашањата за меѓународното право.

За Дојче Веле, Талмон го коментира значењето на одлуките на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, можните реперкусии од пресудата по тужбата на Македонија против Грција, и иднината на спорот за името меѓу двете земји.

Професоре Талмон какво е Вашето гледање на Меѓународниот суд на правдата како механизам за решавање на спорови меѓу две држави? Колку ефикасни и обврзувачки се одлуките на овој суд?

Одлуките на судот, генерално, се конечни и обврзувачки, но тие се обврзувачки само за страните во односниот случај. Во случајот меѓу Македонија и Грција, може да има и трета инволвирана страна, а тоа е НАТО. НАТО во овој случај не е обврзан со одлуката на судот.

Дали тогаш може да се каже дека во овој случај, пресудата ќе носи повеќе морална, отколку правна тежина?

Одлуките на судот секогаш носат правна тежина, но и сите се од големо морално значење. Но, во овој случај прво треба да се гледа на правната страна. Случајот е отворен за да се реши едно правно прашање и правото е во основата на овој случај.

Internationaler Gerichtshof in Den Haag
Меѓународниот суд на правдата во ХагФотографија: picture-alliance/ dpa

Со оглед дека споменатиот случај не е од ткн. „советодавни“, туку се бара правна пресуда, доколку судот пресуди дека Грција ја прекршила Привремената спогодба, значи ли тоа дека Судот може да и‘ нареди на Грција да делува во согласност со оваа спогодба во иднина?

Да, судот може да го стори тоа. Но, судот е обврзан со поднесоците на двете страни. Значи прво мора да видиме што барала Македонија од судот. Првата работа што Македонија ја побара во случајов беше судот да пресуди дали Грција ги прекршила своите обврски од Привремената спогодба. Ова ќе биде декларативна пресуда, што значи дека доколку Македонија успее, судот ќе пресуди дека постои прекршување. Македонија исто така побара од судот да и‘ нареди на Грција да ги преземе сите чекори за да ги спроведе своите обврски од членот 11 од Спогодбата. Но, тоа е многу покомплицирано, затоа што е прашање кои се обврските на Грција според овој член. Мислам дека ова ќе биде едно од централните прашања на случајот.

Многу е тешко да се каже во оваа фаза што ќе стори судот, бидејќи тоа ќе зависи од интерпретацијата на членот 11.

На овој член можете да гледате на два начини. Според првото гледање, Грција има обврска да не го попречува зачленувањето на Македонија во меѓународни организации под привременото име ФИРОМ. Значи секогаш кога Македонија ќе аплицира под ова име, Грција има обврска тоа да го прифати. Од друга страна, може да се каже дека членот и обврските кои произлегуваат од него се повеќе лимитирани.

Anhörung zum Namensstreit zwischen Mazedonien und Griechenland vor Internationalem Gerichtshof in Den Haag
Сослушување во Меѓународниот суд на правдата во ХагФотографија: MIA

На пример, тој вели дека секогаш кога Грција има дискреционо право, ќе треба тоа право да го искористи во полза на Македонија. Доколку членството во некоја меѓународна организација зависи од различни услови, на пример, доколку за прием во ОН, Македонија треба да го почитува мирот, слободата итн., тогаш Грција се‘ уште има дискреционо право да оцени дали земјата го остварува тој услов.

Значи, во вториот случај, секогаш постои можноста Грција да го искористи своето дискреционо право, односно да ја проценува апликацијата за членство на Македонија согласно одредени критериуми. Во однос на НАТО постојат одредени критериуми за кои Грција секогаш може да каже дека не се исполнети и да го попречува членството.

Значи без оглед на пресудата на Судот, однесувањето на Грција и во иднина ќе биде детерминирано од политичката волја на нејзиното лидерство?

Зависи од пресудата. Не очекувам јасна пресуда во која ќе се каже дека Грција ги прекршиле своите обврски, затоа што тие обврски можат да се интерпретираат на повеќе од еден начин. И секако пресудата нема автоматски да и‘ го отвори патот на Македонија во НАТО. Судот не може да им нареди на Грција или на НАТО, земјата да стане членка на НАТО.

Постојат ли слични процеси во историјата на Судот, кои би послужиле како пример за споредба со овој кокретен случај?

Не можам да се сетам на слични случаи, но во суштина се’ се сведува на истото во сите случаи. Судот ќе донесе пресуда, но двете страни потоа ќе мора да ја спроведат таа одлука. Судот нема армија која ќе ги принуди страните да ја почитуваат одлуката. Постои член во Повелбата на ОН кој наведува дека земјата која ќе победи во Судот на правдата може да се обрати до Советот за безбедност на ОН и да побара од него да ја спроведе одлуката. Но, тоа досега не се случило. Не ми изгледа многу веројатно дека Македонија тоа ќе го стори доколку го добие процесот. На крајот повторно се’ се сведува на добрата волја на двете страни.

Nikola Gruevski und Jorgos Papandreou in Brüssel
Никола Груевски и Јоргос ПапандреуФотографија: MIA

Доколку ја погледнете историјата на Меѓународниот суд на правдата ќе забележите дека пресудите не носат само правна, туку и голема морална тежина. Значи, една земја не може, без притоа да си создаде поголеми проблеми, да игнорира пресуда на Судот. Доколку го погледнете процентот на почитување на одлуките на Судот, иако тој нема механизми за принуда, тој процент е многу поголем од кој било домашен суд.

Значи без разлика каква ќе биде пресудата, страната која ќе загуби ќе мора, и ќе се придржува до пресудата. Особено земја како Грција, членка на ЕУ, не може да си дозволи да биде видена во очите на меѓународната заедница како некој кој не почитува пресуда на судот.

Какво е Вашето лично мислење за ткн. „спор за името“ меѓу Македонија и Грција и сметате ли дека е можно некакво правно решение, надвор од политичкиот спектрум?

Можевте да забележите дека Македонија ја нарекувам со нејзиното уставно име. Мислам дека ова е еден од нерешливите проблеми во кој обете страни имаат многу цврсти ставови во однос на она што сакаат да го постигнат. Македонија сака да си го задржи името. Грција сака додавка во името. Изгледа како ситуација во која не може да има победник, односно она што едната страна ќе го добие, другата го губи. Оттука, немам големи надежи дека ќе има решение за овој проблем во блиска иднина.

Што се однесува до правните решенија: Грција тврди дека името, симболите на РМ имплицираат територијални претензии кон нејзиниот административен регион со истото име. Можно сценарио би било повторно да се оди пред Меѓународниот суд и да се бара мислење дали името на една земја имплицира територијални претензии. Но не мислам дека тоа е потребно. На крајот овој спор ќе биде решен единствено преку некако политички компромис, но да бидам искрен, не гледам каков би бил тој компромис.

Автор: Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема