1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тага, болка и многу прашања

Тони Гламчевски22 август 2008

По тагата и трогателното проштевање на француската нација од десеттемина загинати војници во Авганистан, во Франција се отвораат многу прашања како на национално, така и на меѓународно ниво за натамошниот ангажман.

https://p.dw.com/p/F2wY
Француски војници во АвганистанФотографија: picture-alliance/ dpa

Загинувањето на десетте француски војници се доживеа како шок во земјата, која дури сега сфати дека нивните војници заминаа во вистинска војна. Денес, 55% од испитаните Французи сметаат дека е потребно нивните трупи да се повлечат од Авганистан, бидејќи Франција според нив, се впушта во конфликт врз кој нема контрола. 36% го делат мислењето на францускиот претседател и сметаат дека нивните војници треба да останат таму и да учествуваат во меѓународната борба против тероризмот. Испитувањето на расположението на јавното мислење објавено во весникот Паризиен-Ожурдуи е направено само еден ден по убиството на 10 војници во близината на Кабул.

„Немаме право да се откажеме“

При последното простување со младите војници, претседателот Саркози изрази одлучност дека од трагичниот настан ќе бидат извлечени сите поуки, повторувајќи дека Французите се ангажирале во Авганистан во борба против варварството и тероризмот. Притоа, шефот на француската држава уште еднаш повтори дека нема намера да ги повлече трупите оттаму:

„Ние немаме право да загубиме таму, да се откажеме од одбраната на нашите вредности, да ги оставиме варварите да триумфираат, бидејќи поразот на другата страна од светот ќе се плати и со пораз на територијата на француската република.“

Според испитувањето на јавното мислење, 48% од Французите му веруваат на претседателот Никола Саркози по ова прашање, а 46% не му веруват и поставуваат многу прашања.

На прво место родителите на загинатите војници, кои беа на возраст од 18 до 22 години, сакаат да дознаат: „Зошто заминаа да умрат таму, за ништо? Испратија деца со една или помалку од една година искуство, ако тоа може да се нарече искуство. Ги испратија во еден контекст кој е за жалење, сликите на телевизијата се далеку од она што реално се случува на теренот!“, вели со многу горчина Жоел Ле Паун, еден од родителите на загинатите војници.

Каква цел има Франција во Авганистан?

Истото прашање го поставува и опозицијата, која бара да се преиспита мисијата на француската армија во Авганистан.

„Потребно е да се отвори размислување и да се утврдат прецизни цели за смислата и времетрањето на нашето присуство. Сакам да потсетам дека Никола Саркози минатата година, за време на предизборната кампања вети дека ќе ги повлече сите наши трупи од Авганистан. Тој сега го прави спротивното“, вели Франсоа Холанд првиот секретар на Социјалистичката партија на Франција.

Наспроти коалицијата на авганистански и пакистански талибанци, џихадисти од Ал Каеда, зајакнати со авганистански бунтовници и паштунските племиња фрлени во војната по долгата и полна со грешки, воена интервенција на Запад, Вашингтон и неговите сојузници од НАТО денес се двоумат за начинот на кој ќе продолжат да делуваат.

Во САД, од Пентагон до кандидатите за Белата куќа, најпопуларна е хипотезата дека треба да се засили военото присуство за да се стави крај на бунтот, нешто слично како во Ирак. Другата хипотеза е да се стави крај на воената интервенција и да се остават тајните служби да трагаат по Ал Каеда. Но, и при двете хипотези, остануваат Талибанците кои нема да бидат лишени од нивната сила, преку нивниот заштитник Пакистан, врските со Ал Каеда и парите од дрогата.

Експертите сметаат дека треба да се поведи двојна борба. Од една страна да се отвори политички дијалог со авганистанските и пакистанските талибанци за да се заинтересираат за иднината на нивните земји и за да се откажат од нивните соништа за исламска диктатура. Од друга страна, потребно е да се опколат најрадикалните талибански елементи во нивниот „Паштунистан“ од двете страни на границата, со што би биле отсечени од светот. Тоа значи тесна соработка меѓу Кабул и Исламабад, кој последниве години играше дестабилизаторска улога во Авганистан. Со други зборови, Талибанците имаат сеуште убави перспективи пред нив, сметаат експертите.