061011 Rettungsplan Euro
16 октомври 2011Концептот звучи речиси премногу убаво за да биде вистинит - нова институција, Европска управа за долгови (ЕДА), би требало да купи голем дел од обврзниците на сите евро-земји и да ги „препакува“. Ова го предлагаат деветмина водечки економски експерти во Европа кои се залагаат за нови „супер-обврзници“. Меѓу нив е и Германецот Маркус Брунермајер, професор по економија на американскиот универзитет Принстон, како и Гркот Димитри Вианос, професор по финансии на Скул оф економикс во Лондон.
И Давид Тесмар од ХЕЦ Бизнис скул од Париз е дел од оваа група. Тој нагласува дека „супер-обврзниците“ нема за последица да имаат ново задолжување:
„Не се работи за тоа да се трупаат нови долгови, туку сакаме да развиеме постапка за реструктуирање на денешните долгови. Тоа е сосема едноставно - се купуваат старите долгови од различни евро-држави до определен процент од бруто домашниот производ и тие пари се ставаат во заеднички фонд. Тој фонд потоа издава нови обврзници, таканаречени ’европски безбедни обврзници’. Тие ќе бидат сигурни и атрактивни за инвеститорите, затоа што одговараат на просечниот ризик во еврозоната.“
Што е разликата меѓу супер-обврзниците и еврообврзниците?
Разликата меѓу ваквите обврзници и еврообврзниците за кои сега се дискутира наголемо е што супер-обврзниците нема да ги покриваат долговите на сите евро-држави целосно и со тоа нема да има воопштување на сите каматни ризици. Наместо тоа, економистите сакаат различните економии да бидат и различно третирани - покрај многу безбедните обврзници, Европската управа за долгови (ЕДА) би требало да издава и поризични обврзници со високи камати, таканаречени „јуниор-обврзници“ во кои ќе бидат „спакувани“ сите можни ризици на визокозадолжените земји:
„Новите инвеститори ќе носат одреден ризик, но тој ќе биде јасно видлив. Во случај на реструктуирање на долгот на Грција, на пример, новата постапка може да значи две работи: дел од грчките долгови кои се сосема исплатени да се категоризираат во ’европските безбедни обврзници’, додека долговите кои се се‘ уште отворени да се категоризираат во ризичните ’јуниор-обврзници’. Со други зборови, инвеститорите кои веќе инвестирале во грчки обврзници и во ваков случај ќе мора да се откажат од дел од своите пари“, објаснува францускиот економски експерт.
ММФ е заинтересиран за предлогот
Економистите од самонаречената „Еуро-Номикс-Група“ сакаат да се прекине ѓаволскиот круг од буџетски и банкарски кризи, кој според нив, е одговорен за денешната економска мизерија. Едноставно кажано - правењето долгови треба да стане помалку атрактивно. Својот модел економистите му го презентираа веќе на Меѓународниот монетарен фонд. Професор Тесмар објаснува дека експертите на ММФ покажале интерес и ќе ги простудираат предлозите на „Еуро-Номикс-Групата“.
Автор: Јанис Пападимитриу / Елизабета Милошевска Фиданоска
Редактор: Александра Трајковска