1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судството треба да се бори против корумпираните судии

Тони Гламчевски24 јуни 2013

Македонија напредува во исполнување на препораките на Групата држави против корупција на Советот на Европа - ГРЕКО. Од 44 препораки, целосно се спроведени 35, делумно се спроведени шест, а три остануваат неспроведени.

https://p.dw.com/p/18upe
Фотографија: picture-alliance/dpa

По третиот круг на евалуација, со која беа опфатени инкриминациите и транспарентноста во финансирањето на политичките партии, се оценува дека Македонија во делот на законите напредува во борбата против корупцијата. Во тек е четвртиот круг на евалуација, која го оценува степенот на развиеноста на антикоруптивните механизми во секоја држава и способноста на судиите и обвинителите и пратениците самите да се справат со корупцијата во своите редови.

ГРЕКО испрати експертска делагација во Македонија од 13 до 17 мај оваа година. Македонските власти одговорија на прашалникот со 27 точки во однос на превенцијата на корупцијата кај пратениците, судиите и обвинителите, механизмите за превенција на корупцијата кај овие категории, законските и институционалните механизми, обуките и едукацијата и слично.

„И најдобрите закони во рацете на лошите не даваат резултати“

Анета Арнаудовска, шеф на македонската делегација при ГРЕКО, за ДВ појаснува:

„Во секој свој извештај ГРЕКО ги цитира извештаите на Транспаренси интернешнл, на Евробарометар и Европската комисија во поглед на перцепцијата за корупцијата во одделните извештаи. Ние како Република Македонија мора да преземеме мерки, како и самото судство, за менаџирање и детектирање на судирот на интереси и на другите ризици за корупција за ефикасно да се справи со нив. Особено е значајно судството да покаже дека е подготвено да се бори против корумпираните судии и обвинители и да ги исчисти од своите редови.“

Во овој контекст интересна е препораката на ГРЕКО која беше дадена за други земји кои претходно беа опфатени со четвртиот круг на евалуација, со која се бара продолжување на рокот на застареност на дисциплинските постапки на судиите, бидејќи се соочиле со проблем - одредени судии да ги одолговлекуваат постапките се‘ до нивно застарување.

Mazedonien Justiz Amtsgericht
Случаите со корумпираност на судии и обвинители предизвикува огромна штета на угледот на судството и довербата на граѓанитеФотографија: Petr Stojanovski

Случаите со корумпираност на судии и обвинители предизвикува огромна штета на угледот на судството и довербата на граѓаните, бидејќи граѓаните веруваат дека судиите и обвинителите се тие кои што треба да ги заштитат нивните права и ќе ја разрешат корупцијата. Марин Мрчела, претседател на ГРЕКО, во овој контекст вели:

„Државата треба да покаже политичка волја не само со донесување на закони, туку и применувањето на тие закони. Мораме да кажеме дека имаме и добри и лоши примери, дека најдобриот закон во рацете на најлошите луѓе нема да даде добри резултати. Значи, единствено комбинацијата на добри закони и соодветни луѓе ќе доведе до нешто добро за граѓаните во борбата против корупцијата.“

Во Република Македонија постои политичка волја за справување со корупцијата. „Не се сомневам во политичката волја која постои во Македонија за да се решат овие работи, бидејќи тоа се гледа по начинот на кој се постапува кон препораките од ГРЕКО и на кој начин се работи на законодавното поле кон сите нешта кои се однесуваат на борбата против корупцијата“, изјави неодамна за ДВ претседателот на ГРЕКО, Марин Мрчела.

Извештајот од четвртиот круг на евалуација од страна на ГРЕКО Македонија треба да очекува во декември 2013.