Судска медицина: на жртвите е пукано од непосредна близина
15 април 2012Според наодите на Судска медицина, не се забележани повреди нанесени пред или по настапувањето на смртта. Тоа покажува, според експертите, дека жртвите не биле претходно малтретирани, како и дека нивните тела подоцна не биле преместувани. Скршениците на вилицата и на ногата кај некои од жртвите, биле предизвикани од проектилите со коишто било пукано кон нив.
Некои од жртвите биле убиени од непосредна близина, додека за некои се чека целосно исушување на облеката за да може да се утврди од која далечина било пукано во нив.
Кај сите жртви најдени се по неколку прострелни рани, во грбот, главата и градниот кош. Пронајден е само еден куршум во едно од телата на егзекутираните, што ги потврдува сомневањата дека злосторниците употребиле оружје со голема моќност.
Во четвртокот вечерта кај езерото во атарот на скопското село Смилковци, беа убиени четири момчиња на возраст од 18 до 20 години од скопската населба Радишани и 45-годишен маж од село Црешово додека ловеле риба на езерото кај Смилковци. Сe’ уште не се познати мотивите за ова грозоморно злосторство.