1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судот го блокира Јутјуб во Египет

ЖА/дв/дпа/апд/афп9 февруари 2013

Интернет-платформата Јутјуб во Египет ќе биде блокирана еден месец поради ширење антиисламски содржини. Централна точка при одлуката на судот беше спорниот филм „Невиноста на муслиманите“.

https://p.dw.com/p/17bRe
Фотографија: picture-alliance/dpa

Управниот суд во Каиро побара од владата за еден месец да го блокира пристапот кон Јутјуб откако еден корисник ја обвини интернет-платформата за „закана за социјалниот мир“. Судот, меѓу другото, се повика на спорниот филм „Невиноста на муслиманите“, во кој пророкот Мохамед е претставен како љубител на жени и хомосексуалец. Сегашната забрана за Јутјуб ќе важи и за други интернет страници кои го објавија филмот. Против пресудата постои право на жалба.

„Филмот ја искривува сликата за пророкот“

Филмот претставува безбедносна закана за Египет, изјави адвокатот Мохамед Хамид Салим, кој поднесе тужба во 2012 година. Неговата аргументација - целта на филмот е искривување на сликата на пророкот Мохамед и провокација на војна против исламот. Претходно, суд во Египет осуди во отсуство седуммина обвинети на смрт поради видеото. Објавените инсерти од филмот на интернет во минатата година предизвикаа масивни протести со повеќе загинати во исламскиот свет.

Мир по уште една ноќ безредија

Јутјуб во Пакистан е блокиран поради објавувањето на филмот уште од септември. Интернет-платформата го отежна пристапот кон филмот во повеќе држави, меѓу нив Саудиска Арабија, Индонезија, Либија, како и Египет.

Во меѓувреме, во Египет повторно завладеа мир по уште една ноќ безредија. Во протестните маршеви и судирите во пет провинции вчера (08.02) беа уапсени вкупно 93 лица. Според властите, повеќе од 120 луѓе биле повредени. Демонстрантите го обвинуваат претседателот Мохамед Мурси за предавство на целите на народниот бунт, кој го донесена власт.