1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судот во Москва ги прогласи за виновни Пуси Рајот

БГ/дпа17 август 2012

Членките на панк групата кои протестираа против Путин се прогласени за виновни, но висината на казната дополнително ќе биде соопштена

https://p.dw.com/p/15rnl
Фотографија: AP

Судот во Русија ги прогласи за виновни за хулиганство и предизвикување верска омраза трите припаднички на панк групата Пуси Рајот. Обвинетите Надежда Толоконикова, Мариа Алекина и Екатерина Самузевич свесно го прекршиле законот кога го извеле перформансот чија цел била да го критикува рускиот претседател Владимир Путин во катедралата во Москва, заклучи судијката во случајот.

Судијката не ја определи висината на казната која ќе треба да ја издржат трите панкерки. Максималната затворска казна за предизвикување верска омраза, според руски закони, е седум години, но обвинителите бараа тригодишна казна.

Одбраната најави дека ќе ја обжали пресудата. Во нивното сведочење пред судот, членките на Пуси Рајот изјавија дека нивната намера била да ги критикуваат премногу блиските односи меѓу Путин и Руската православна црква.

Пресудата беше прочитана под зајакнато полициско обезбедување во и околу судската палата во Москва, а повеќе од 100 новинари го следеа нејзиното обелоденување.

Протести во знак на поддршка на членките на групата се одржаа или беа планирани во 30 градови ширум светот, вклучително и во Москва.

Во интервју објавено во вторничкото издание на опозициската Новаја Газета, обвинетата Толоконикова изјави дека „тие веќе победиле“.

„Сега знаеме како да ги налутиме институциите и да се активираме политички“, рече Толоконикова.