1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судот во Милано ја потврди пресудата против Берлускони

АТ/ дпа/ ртр9 мај 2013

Ова не е прва судска пресуда против Силвио Берлускони, но ретко досега пресудите му ги врзуваа рацете на екс италијанскиот премиер. Судот во Милано ја потврди четиригодишната затворска казна од претходната инстанца.

https://p.dw.com/p/18Ul9
Фотографија: Reuters

Во затвор Силвио Берлускони се’ уште не мора да оди. Имено, неговите адвокати смеат да одат во трета инстанца и да побараат ревизија. Иако, судскиот процес во Милано, во кој Берлускони повторно е осуден на четири години казна, беше второстепена постапка. Судиите, имено, не беа убедени од аргументите на бранителите на Берлускони и ја потврдија пресудата на првостепениот суд. 

Постапката против поранешниот премиер на Италија се води поради обвинување за даночна измама поврзана со концернот „Медиасет“ во сопственост на Берлускони. Меѓутоа, 76-годишниот Берлускони изјави дека никогаш не се занимавал со билансите на „Медиасет“ групацијата. Веќе 20 години го следеле судиите и државните обвинители, тие сакале политички да го замолчат, гласи контраобвинението на Берлускони, кое често го повторува. Берлускони поднесе и барање процесот да биде префрлен во Бреша, бидејќи судиите во Милано биле пристрасни. Меѓутоа Касациониот суд во Рим во понеделникот )06.05) го отфрли ова барање.

Судиите во Милано во овој случај повторно го прогласија Берлускони за виновен. Од четирите години затвор за Берлускони, три години ќе му бидат скратени, врз основа на еден закон за намалување на казна од 2006 година. Но, освен тоа, тој пет години не смее да презема функција во јавни служби, со што случајот добива политичка конотација.

Партијата на Берлускони е важен партнер во големата коалиција под раководство на премиерот Енрико Лета. Осуда на Берлускони би можела да ја доведе во незавидна положба и владата на Лета.

Поради термините на Берлускони и налогот до највисокиот италијански суд, покрај постапката за „Медиасет“, долго време беше замрзнат и т.н. „Руби“-процес за наводна злоупотреба на службена положба и полов однос со малолетна проститутка. Овој процес треба да продолжи в понеделник (13.05) и исто така е во завршна фаза.

Меѓутоа Берлускони и натаму не се предава. Пресудата во прва инстанца во случајот „Медиасет“ ја оцени како: „Напад врз моите политички права“. Парламентарна комисија би требало да ги провери овие напади на правосудството врз него и да ги стопира, изјави Берлускони во средата во едно телевизиско интервју.