Судир околу знамето повторно го запали Белфаст
8 декември 2012Повод за кавгата и судирите беше одлуката на Советот на градот Белфаст да се симне британското знаме од Градската куќа на Белфаст, што се вее од 1906 година. Согласно новата одлука, британското знаме ќе биде поставено на Градската куќа само 17 денови во годината.
Градскиот совет спорната одлука ја донесе во понеделникот со тесно мнозинство од 29 гласови за спрема 21 против. За новата одредба гласаа ирските националисти од партијата Шин Фејн и од Социјадемократската лабуристичка партија. Од тогаш наваму таканаречените унионисти, кои се залагаат за потесни врски со Лондон демонстрираа секоја вечер во повеќе градови во Северна Ирска.
Вчерашните протести во Белфаст ескалираа во судири меѓу демонстрантите приврзеници на Обединетото Кралиство и полицијата. Десетици млади луѓе фрлаа камења и молотови коктели врз полицијата во Њутаунаби, претежно протестански кварт во северниот дел на Белфаст. Најмалку осум северноирски полицајци притоа се повредени.
Полицијата соопшти дека се уапсени седуммина демонстранти, меѓу кои и едно 13-годишно момче.
Спречен напад со експлозив?
Полицијата исто така соопшти дека биле запалени и автомобили. „Ваквото однесување е неприфатливо“, изјави заменик претседателот на полицијата Вил Кер. „Овие луѓе и’ штетат на сопствената заедница и загрозуваат човечки животи“. Кер повика да запре насилството.
Вчера полицијата соопшти, дека најверојатно спречила и напад со експлозив. По пронаоѓањето на експлозивна направа во едно возило уапсени биле четворица мажи.
До новите судири дојде непосредно по посетата на американската државна секретарка Хилари Клинтон на Белфаст. Премиерот на Северна Ирска Петер Робинсон упати пофални зборови за Хилари Клинтон како и за нејзиниот сопруг Бил Клинтон за нивната поддршка за мировниот процес во Северна Ирска. Поранешниот претседател на САД, Бил Клинтон во 90-тите години играше одлучувачка улога за мировниот процес во Северна Ирска. Хилари Клинон на прес-конференција ги осуди последните судири во земјата, „Во Северна Ирска не смее да има место за насилство“, изјави Клинтон.
Конфликтот меѓу пробританските протестанти и католиците во Северна Ирска кои се стремат кон обединување со Република Ирска траеше три децении и однесе околу 3500 животи. Мировен договор конечно беше постигнат во 1998 година и со него беше предвидена еден вид поделба меѓу двете конфесии. Од 2007 година наваму Северна Ирска ужива статус на широка автономија во рамките на Велика Британија.