1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Субенциите во туризмот нижат ефекти

Катерина Блажевска24 јули 2013

Растот на туризмот во земјата е 2 до 3 пати поголем од просечниот светски раст во тој сектор, велат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Македонија

https://p.dw.com/p/19DPh
Фотографија: Milco Jovanovski

Мерките за субвенционирање на организираниот странски промет и на нискобуџетните летови ги дадоа своите ефекти - 663.633 туристи лани, односно околу 20.000 повеќе во однос на 2011 и 80.000 повеќе од 2010 година. Ваквите позитивни ефекти ги охрабрија надлежните да го зголемат буџетот за субвенционирање на нискобуџетни летови. За годинава се обезбедени 86 милиони денари, а за идната 135 милиони денари. Шесте авио-линии на „Визер" за Малме, Дортмунд, Минхен, Базел, Ајдховен и Милано, годинава се збогатени за уште две - за Стокхолм и Гетеборг.

„Она што посебно не радува е зголемувањето на бројот на туристите од соседните држави и од регионот", велат од Министерството за економија. Тој бележи евидентен пораст и тоа за 100.000 повеќе од 2010 година, а за 30.000 во споредба со 2011.

„За последните две години откако трае процесот на субвенционирање, бројот на туристи од соседна Бугарија е зголемен за 27 отсто, од Грција за 63 отсто, а од Турција дури за 150 отсто. Од европските земји имаме постојан пораст на бројот туристи од Холандија, Финска и Полска", велат од Министерството.

Neues Denkmal in Skopje "Porta Makedonija"
Фотографија: Makfax

Пакет мерки за добар резултат

Јордан Трајков, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија, вели дека ефектите во туризмот не се должат само на субвенциите.

„Тоа се должи на сет од мерки кои се преземаат и се координираат преку Комитетот за туризам. Субвенциите што им се даваат на организаторите на туристички патувања се значајна мерка, но таа не треба да се гледа изолирано од другите мерки што се насочени кон промоција и поддршка на туризмот, кој е комплексна гранка и неговиот успех зависи од многу нешта. Растот кој е 2 до 3 пати поголем од просечниот светски раст на туризмот, укажува дека сме на вистинскиот пат. Затоа, треба да се продолжи со уште позасилено темпо, бидејќи имаме огромен потенцијал", вели Трајков.

Според податоците на Државниот завод за статистика, само од јануари до мај годинава во споредба со истиот период лани, вкупниот број на туристите е зголемен за 5,7 проценти, а на странските за 10,2 отсто.

Листата се проширува

Туристичките работници во Македонија ги поддржуваат мерките за развој на туризмот, но имаат забелешки за нееднаквиот третман во субвенционирањето на странски туристи.

„Еден турист од Холандија за седумдневен пакет плаќа 160 евра - авион, трансфери и хотел и добива субвенции, а еден турист од Јапонија, Хонг Конг или Малезија за тридневен пакет плаќа 220 евра, а не добива ни минерална вода или бесплатен влез во музеј. Субвенциите треба да се даваат за девизен прилив на основа ,,внесување странски туристи", ако вистинската причина е привлекување повеќе туристи, особено од интерконтинентални дестинации", вели Ангел Иванов, туристички работник.

Paragliding vom Berg Galicica
Фотографија: DW

Од Министерството за економија велат дека листата секоја година ќе се проширува. Освен за земјите од Бенелукс, од годинава субвенционирањето ќе важи и за туристи од Финска, Норвешка, Данска, Шведска, Русија, Украина, Обединетите Арапски Емирати и Јапонија, од 2014 година за туристи од Кина и Индија, а од 2015 година и за оние од Казахстан, Азербејџан, Катар, Германија, САД и Англија.

Долард и доларите

Холанѓаните и денес се, но и претходно беа најбројни европски туристи во Охрид, благодарение на литературата на холандскиот писател А. Ден Долард (1901-1994), која се покажа помоќна од рекламите на Си-ен-ен. Долард првпат допатувал во Охрид во 1931 година. Немал каде да се смести и првата ноќ ја преспал во ромска куќа на рогозина. Воодушевен од убавините на градот повторно се вратил во 1938 година и почнал да го пишува романот „Свадбата на седумте цигани" (De bruiloft der zeven zigeuners), кој бил објавен наредната година и станал задолжителна лектира во училиштата во Холандија. Таа љубовна приказна со децении беше главен импулс за големиот интерес на Холанѓаните за оваа македонска дестинација. Поради неговиот придонес во промоцијата на македонскиот туристички бисер, во 2006 година му беше подигнат споменик во Охрид. Денес, таму каде што завршува влијанието на Долард, продолжуваат доларите (субвенциите). Се чини дека и тој и тие добро си вршат работата.

Дека на туризмот „му тргна", покажува и зголемувањето на бројот на вработувања во тој сектор. Стапката на пораст на вработени во објектите за сместување и сервисни дејности за храна само во првиот квартал од годинава изнесува 23,8 отсто во однос на пртходната година. Во 2012 тој пораст бил 11,3 отсто во споредба со 2011 година.