Студот во Европа зема жртви
2 февруари 2012Европа до последниот викенд имаше релативно добри температури за овој дел од годината. Тогаш од Сибир дојде студена воздушна маса.
Ниските температури во Источна Европа направија притисок врз руската компанија Гаспром да го зголеми снабдувањето со гас во Европа. Претставник од рускиот монопол за извоз на гас рече дека во компанијата стигнуваат се’ поголем број барања за купување гас, повеќе отколку што физички би можеле да се задоволат, имајќи предвид дека побарувачката е зголемена и во Русија.
„И покрај зголеменото користење гас во Русија, Гаспром продолжува да ги исполнува договорените обврски кон европските клиенти“, велат од компанијата.
Во Ураина и до минус 33
Во Ураина во минатите пет денови од студ починаа 43 лица. Таму во некои делови температурата во текот на ноќта падна и до минус 33 Целзиусови степени. Стотици бездомници беа пренесени во прифатилишта.
„Велат дека целиот февруари ќе биде студен, како и првата половина од март, па затоа мораме некако да се подготвиме за ова“, вели Виктор, кој живее на улиците во Киев.
Метеоаларм – европската мрежа за алармирање за времето, предупреди дека постојат екстремно опасни услови во Источна Европа, вклучувајќи ја Србија, каде во текот на ноќта во градот Сувобор беше пронајдена четврта жртва од студот во земјата.
До крајот на неделата на Балканот ќе биде полошо
Во Србија и Босна и Херцеговина жители беа спасувани со хелихоптери од нивните села завеани со снег, а некои делови од Црното Море во Романија замрзнаа. Предвидувањата во однос на Балканот се дека времето до крајот на неделата ќе се влоши.
Снежните виулици предизвикаа сообраќајни проблеми во Грција, а најмногу во западниот дел од земјата, каде училиштата и детските градинки и денеска ќе бидат затворени поради студот.
Временската прогноза вели дека студот може да потрае и во континентална Европа, вклучувајќи ја и Германија, како и на југоистокот од континентот. Од студот во Бугарија, каде термометарот измери минус 30 степени, починаа осум лица, а во соседна Романија починаа 14 лица. Во Словенија ветришта со брзина од 180 километри на час носеа покриви и предизвикаа затворање на некои училишта.
Автор: Александар Методијев /СН/ројтерс/афп/миа
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска