1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Струшките вечери – поетско светско фестивалско чудо

24 април 2011

Струшките вечери на поезијата годинава одбележуваат голем јубилеј-пет децении од постоењето. Моментно се најстар поетски фестивал во светот којшто се одржува континуирано. „Струга ќе блесне “, велат организаторите.

https://p.dw.com/p/10qU1
Струга може да се горде со поетската манифестација
Струга може да се горде со поетската манифестацијаФотографија: Milco Jovanoski

Се‘ започна во далечната 1962 година кога македонски поети читаа песни во чест на браќата Константин и Димитар Миладинови, учители, интелектуалци и творци родени во Струга во почетокот на деветнаесеттиот век. Константин е родоначалник на македонската модерна поезија, а неговата „Т‘га за југ “ е заштитен знак на Струшките вечери на поезијата. Три години подоцна СВП веќе имаат интернационален карактер, а првиот „Златен венец “ го добива Роберт Рождественски од тогашниот Советски Сојуз. На списокот се уште 44 поети од светот, некои од нив станаа и добитнци на Нобеловата награда за литература. Неодамна во Париз СВП ги доживеаја ѕвездените мигови. Претставниците на УНЕСКО се поклонија пред нашата истрајност, вели поетот Славе Ѓорѓо Димоски, претседател на Управниот одбор :

„ Станува збор за најстар во континуитет поетски фестивал во светот. Според нив и изборот на добитинците на ’Златниот венец’ претставува врвна антологија на светската култура и поезија на преминот од дваесеттиот и првата декада од дваесет и првиот век, без исклучок. Со тоа Македонија може да биде горда и да се претставува како земја на поезијата, бидејќи поезијата е најсовршениот израз на еден јазик. Нашиот јазик за жал е мал, но преку различни комуникации и преводи на нашите книги на фестивалот може да се слушне и за нас во светот.“

СВП ги преживеа сите кризи, политички и економски ембарга

И покрај суровата реалност со која Фестивалот мораше да живее – распадот на Југославија, војната во Босна, кризата во Косово, судирите во Македонија, редицата политички и економски ембарга, тој опстана.

Славе Ѓорѓо Димоски
Славе Ѓорѓо ДимоскиФотографија: Milco Jovanoski

Универзалните пораки упатени од мостот на реката Дрим секоја година привлекуваат стотици поети од сите меридијани:

„Струга ја има магијата на посебната манифестација „Мостови “ каде што се чита поезија под отворено небо и пред бројна публика. Еден поет кој во младоста бил кошаркар рече: „ Кога читав на Мостови во Струга се почувствував како на кошаркарско игралиште.“

„Златен венец “ за академик Матеја Матевски

Годинава „Златниот венец “ ќе оди во рацете на поетот – академик Матеја Матевски, кој по Блаже Конески е вториот добитник на ова престижна награда од Македонија. Од 2003 година СВП и УНЕСКО заедно ја доделуваат наградата „Мостови на Струга “. Во Париз беше соопштено дека добитник е младиот јапонски поет Хироши Таниучи.

Матеја Матевски, годинашен добитник на признанието на „Струшките вечери“
Матеја Матевски, годинашен добитник на признанието на „Струшките вечери“Фотографија: MIA

Богата програма и атрактивни и веќе познати гости за јубилејот

Своето доаѓање во Струга на јубилејот досега го потврдија седум поранешни лауреати, додава Димоски:

„Меѓу нив се познатиот француско – сириски поет Адонис којшто е кандидат за Нобелова награда, Томаж Шаламун од Словенија, кубанската поетеса Нанси Морехон, Хусто Хорхе - Падрон од Шпанија, Ив Бонфоа, големиот француски поет, енциклопедија на дваесеттиот век .“

Секој месец ќе има по еден значаен настан којшто е сврзан со јубилејот, открива Димоски :

„Ќе имаме промоција на поштенска марка, на специјално издание на Зборникот на Миладиновци. Следниот месец СВП ќе има штанд на Саемот на книгата во Скопје, кадешто ќе биде презентиран документарен филм. “

Министерството за култура СВП ги има во приотетите за годинава, а финансиски фестивалот го поддржува и УНЕСКО. Претседателот на Управниот одбор Славе Ѓорѓо Димоски, во душата поет, признава:

„Јас сум растел заедно со фестивалот. Од мојата осумнаесетта година до денес, кога го водам фестивалот, не сум пропуштил ниту една да учествувам. Задоволството ми е преголемо, што сум од овој крај, што сум поет и што токму се совпадна и јубилејот, кој со амбициозната програма ќе биде поетско светско чудо. “

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Симе Недевски