1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Струга е повторно дом на поезијата

ЕМФ/миа/макфакс22 август 2013

Со меѓународното поетско читање „Меридијани“, вечерва (22.08) во Домот на поезијата во Струга свечено ќе започне 52- от поетски фестивал Струшки вечери на поезијата.

https://p.dw.com/p/19UWx
Фотографија: Milco Jovanoski

На годинашните Струшки вечери на поезијата е потврдено присуството на околу 50 странски поети, но на фестивалот ќе дојдат и директори на фестивали, на значајни асоцијации, издавачи од Мексико и од регионот.

Добитникот на „Златниот венец“ за 2013 година Хосе Емилио Пачеко веќе пристигна во Струга. Според директорот на фестивалот, Мите Стефоски, доаѓањето на 74-годишниот Пачеко за да ја прими наградата е голема чест за фестивалот:

„Имајќи ја предвид возраста и здравствената состојба на Пачеко, најголемо признание за нас е што дојде лично да ја прими наградата“, изјави Стефоски.

Престижната награда на Пачеко ќе му биде врачена в недела (25.08) на традиционалното поетско читање „Мостови“. Во рамки на фестивалот утре ќе биде објавен добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2013 година, која СВП ја доделува за најдобра поетска книга од македонски автор меѓу два фестивала.

На фестивалската програма се предвидени промоција на книги од едицијата „Плејади“, изложби, симпозиуми на тема „Поезијата - војна и мир меѓу јазиците“ и традиционалната Ноќ без интерпункција.