1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Obama Afghanistan

2 декември 2009

Американскиот претседател Барак Обама најави испраќање нови војници во Авганистан. Сегашната ситуација во земјата е неодржлива, порача Обама во говорот во воената академија „Вест поинт“.

https://p.dw.com/p/KnOV
Барак Обама најавува и почеток на повлекувањеФотографија: AP

По осум години од почетокот на воениот ангажман во Авганистан, американскиот претседател Барак Обама се залага за засилена воена офанзива со цел да се победат засилените талибански бунтовници. За таа цел, веќе од почетокот на наредната година, САД во неколку етапи ќе испратат дополнителни 30.000 војници на боиштето.

„Решив дека е во наш витален национален интерес да испратиме дополнителни 30.000 војници во Авганистан. За 18 месеци нашите сили ќе почнат да се враќаат дома.“

Авганистан не е загубен

Сегашната безбедносна состојба во Авганистан е тешка, оцени Обама. Терористичката мрежа Ал Каеда најде прибежиште во пограничниот регион кон Пакистан. Ваквата ситуација е неодржлива, нагласи американскиот претседател. Но, Авганистан не е загубен, појасни тој.

Obama / USA / Afghanistan
Авганистан не е загубен, порача Обама во „Вест поинт“Фотографија: AP

Кога не би сметал дека од состојбата во Авганистан зависи и безбедноста на американскиот народ, тогаш со радост би наредил уште утре да се вратат сите американски војници оттаму, порача Обама.

„Тоа не е измислена или хипотетичка опасност. Само во изминатите неколку месеци откривме екстремисти во границите на нашата земја, кои биле испратени од пограничниот регион меѓу Авганистан и Пакистан за овде да извршат терористички напади!“

Американските војници ќе се борат и ќе обучуваат

Обама појасни дека задачата на новите војници во Авганистан нема да биде само борбата против исламските екстремисти и терористите од Ал Каеда, туку дека тие ќе вложат посебни напори и во обуката на авганистанската армија. Таа треба повеќе да биде вклучена во борбите отколку досега. Целта е САД да им ја предадат одговорноста за безбедноста во земјата на авганистанските сили за безбедност, порача Обама. За таа цел тој ја повика владата во Кабул да вложи зголемени напори во обновата на земјата и борбата против корупцијата.

За трошоците на засилениот ангажман американскиот претседател проговори подоцна во получасовниот говор. Тие ќе изнесуваат 30 милијарди долари само оваа година. Обама знае дека ќе се соочи со силен отпор во Конгресот поради големите трошоци, вклучувајќи ги и пратениците од неговата Демократска партија.

Тајминг за повлекување не треба да се наведува од тактички причини

Голем дел од говорот Обама му посвети на Пакистан, при што се обиде на нацијата да и’ објасни зошто оваа земја е од животна важност за САД. Пакистан мораме да го стабилизираме и не смееме да им го препуштиме на екстремистите, порача Обама. На граѓаните на таа земја, пак, им порача дека Америка е силен поддржувач на нивната безбедност и благосостојба и тоа на долг рок, не само додека заврши војната против тероризмот.

Afghanistan / US-Soldat / USA
Американските војници во Авганистан ќе се повлечат зашто Америка нема интерес да води војна без крајФотографија: AP

Обама им се обрати и на другите сојузници: „Замолив нашиот засилен ангажман да го поддржат и нашите сојузници. Некои од нив веќе ветија дополнителни сили, а се надеваме дека во наредните денови ќе уследат и други. Нашите пријатели се бореа со нас и крвареа рамо до рамо со нас во Авганистан. Сега мораме заеднички и да ја завршиме оваа војна.“

Свесен дека овој повик ќе предизвика отпор кај населението на сојузничките земји, Обама се потруди веднаш и да аргументира дека ова е најдобрата опција. Војната во Авганистан не може да се споредува со катастрофата во Виетнам и поради тоа веднаш да се повлечат американските војници. Разликата е видлива веќе и од фактот што во овој воен ангажман се вклучени војници од 43 сојузнички нации. Исто така и останувањето во Авганистан со сегашниот број војници не е добра опција, бидејќи со тоа не може да се надмине сегашната опасна ситуација. Обама се спротивстави и на критиките дека посочувањето конкретен термин за повлекување од Авганистан би им овозможило на противниците да собираат сили токму за времето потоа. Мора да биде јасно дека: „Авганистанците треба да ја преземат одговорноста за сопствената безбедност. Америка нема интерес да води војна без крај.“

Автор: Силке Хаселман/ГЧ/ЖА/дв/дпа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска