1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Страотна железничка несреќа во Шпанија

ЖА/дв/ард/дпа/ртре25 јули 2013

По синоќешната тешка железничка несреќа во Сантјаго де Компостела, властите во Шпанија соопштија за зголемување на бројот на жртвите - 77 загинати и над 140 повредени.

https://p.dw.com/p/19DwS
Фотографија: picture-alliance/dpa

Досега од остатоците на возот се извлечени телата на 73 загинати патници. Но, најмалку 77 лица се жртви на несреќата во која воз излетал од шините на влезот во станицата во шпанскиот град Сантјаго де Компостела, повредени се 143 лица. Овие податоци ги соопшти регионалниот суд на Галиција, напоменувајќи оти тие се‘ уште не се конечни. Во возот се наоѓале 222 лица. Пет лица се во кома, од кои 15-20 се во тешка состојба. Несреќата се случила синоќа во 20.42 часот по локално време.

Се работи за линија која ги поврзува Мадрид и Ферол, на североисточниот дел на земјата. Возот се превртел на врвот на вијадукт. Сите 13 вагони излетале од шините. Некои од вагоните удриле во ѕид и паднале, останатите се набиле еден во друг. Еден од вагоните излетал во воздухот и се нашол на една улица.Сведоци опишале ужасни сцени, а некои тврдат дека слушнале силна експлозија.

Zugunglück in Spanien
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Се‘ се случуваше толку брзо. Цела маса луѓе се најде на подот. Се обидувавме да излеземе надвор, притоа видовме дека возот е во пламен“, раскажува еден преживеан.

Причините за катастрофата не се познати. Владин портпарол соопшти дека најверојатно се работи за несреќа. Шпанскиот премиер Маријано Рахој ќе допатува денеска на местото на несреќата. Тој на настраданите и на семејствата им изрази сочувство. Ова е една од најголемите трагедии во историјата на железничкиот сообраќај во Шпанија. Сантијаго де Компостела е главен град на провинцијата Галиција и е важен центар во кој доаѓаат верници-аџии. Денеска требаше да биде одржана прослава во чест на заштитникот на Галиција, Свети Јаков. Властите поради несреќата ја откажаа манифестацијата.