1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Странски работници умираат за новите стадиони во Катар

БГ/миа27 септември 2013

Лондонскиот весник „Гардијан“ објави вознемирувачко истражување од Катар, според кое, странските работници кои ги градат објектите за СП во фудбал се третираат како робови.

https://p.dw.com/p/19pEa
Фотографија: picture alliance/Frank Rumpenhorst

Странските работници кои се ангажирани да работат на изградбата на инфраструктурата и на објектите за потребите на Светското првенство во фудбал, во 2022 година во Катар, се изложени на експлоатација и понижување, пишува лондонски „Гардијан“. Весникот ги обвинува властите во Катар дека Непалците кои работат на проектите за првенството се експлоатирани и изложени на насилство, што е „рамно на ропство во модерно време“.

Лондонскиот весник открива дека само во периодот меѓу почетокот на јуни и 8 август, починале дури 44 работници, како последица на преголемата изложеност на високите температури во овој период од годината, како и во разни инциденти на работното место.

Непалците се жалат дека не се платени „со месеци на ред“, дека платите често пати им се задржуваат и дека им се одземени пасошите за да се ограничи нивното движење и патување.

Некои непалски работници се пожалиле дека нема доволно, или воопшто вода за пиење на градилиштата. Организаторите на Светското првенство реагираа со „вчудовиденост“ и неверување на пишувањата на „Гардијан“, но ветија дека ќе бидат истражени сите обвинувања изнесени во весникот.

Претставник на организациониот комитет изјави дека сите членови на комитетот се уверени дека нема никакво оправдување за тоа,доколку се покаже дека она што го тврдат странските работници е точно. Претставникот рече дека организаторите на СП 2022 година се определени сите странски работнци да работат според меѓународните стандарди. ФИФА на трети октомври ќе одлучува околу тоа дали одржувањето на првенството во Катар да се премести во текот на зимските месеци, за да се избегнат големите летни горештини.