1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Странските туристи доаѓаат, но што ќе видат?

2 јули 2011

Македонија во првите четири месеци од годината бележи раст на странските туристи од 25 отсто, што навестува богата туристичка сезона. Најпосетен е охридско-струшкиот регион, но што е со останатите туристички дестинации?

https://p.dw.com/p/11nnj
Фотографија: Petar Stojanovski

Со вкупно 600 илјади туристи, од кои приближно половината странци, и околу 1,2 милиони ноќевања во 2010 година Македонја ни од далеку не е голема туристичка дестинација, како Грција, Турција или Хрватска од непосредното соседство. Сепак, последните години се прават сериозни напори за заживување на таа стопанска гранка, што носи голем девизен прилив. Македонија како туристичка понуда веќе е претставена на туристичките берзи во Германија, Финска, Холандија, Чешка, Турција, Израел, Словенија и Србија и првите организирани групи од овие земји веќе почнаа да пристигнуваат во земјата.

Зоран Стрезовски од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, вели дека до пред пет години Македонија ја немаше на туристичката карта, а веќе годинава од Холандија се очекуваат 15.000 туристи.

Во меѓувреме Македонија беше претставена на саеми за туризам, покануваше странски новинари и туроператори на кои им ги претстави убавините на Македонија, имаше промоции во печатени медиуми од глобални размери, спотови на светски телевизии итн.

Разновидна туристичка понуда

За тоа како одеше пробивот на странските пазари за ставање на Македонија на нивните туристички мапи, Стрезовски вели:

Ohrid
Туристичка приказна: Охрид со своите 365 црквиФотографија: Petr Stojanovski

„Направивме агенда да се покријат сите туристички атракции во Македонија. Нивни инспекции доаѓаат повеќепати, за на крајот да ни кажат дека тие ја ставаат Македонија на нивната туристичка мапа, но со акцент на струшко-охридскиот регион. Тоа е моментално најквалитетениот туристички произивод заради инфраструктурата - аеродром, хотелски капацитети и туристичката атрктивност. Но, оттаму ќе се оди на еднодневни прошетки до Битола и археолошкките локалитети во околината, по Винскиот пат во Тиквешијата, и до Маворво. Ова е чистиот пат како се отвора еден пазар“.

Охрид, иако најпопуларен, веќе не е единствената интересна дестинација за странците. Македонија се` повеќе прави разнообразна понудата, со автентични приказни за туристите.

„Имаме вистински приказни, Охрид со 365 црвки, Ерусалим на Балканот, девет чуда на Охрид, Кокино како атракција интересна за НАСА, Мајка Тереза - цела лепеза на ’хајлајти’ на Македонија кои навистина привлекуваат внимание“, објаснува Стрезовски.

Се` зависи од инфраструктурата

Sternwarte Kokino
Како да се стигне до Кокино?Фотографија: Macedonian Information Agency

Генерално Македонија нуди два типа на тури: едниот е летниот туризам со капење во Охрид, а вториот е таканаречениот културен туризам, со разгледување на повеќе атрактивни дестинации.

„Програмите се делат на две групи - едната е онаа со Охрид или летување на седум дена, како што прават Холанѓаните, а втората е разгледување на Македонија, како дел од поширока балканска тура. Два-три дена се во Макдонија, па потоа одат во Бугарија, Албанија, Хрватска или Цра Гора. Тоа се двата типа на туристи кои најчесто доаѓаат во Македонија“, објаснува Стевче Пешевски, од туристичката агенција „Савана.“

Покрај таа понуда, во последно време се пробиваат и селскиот и винскиот туризам. За нив има заинтересирани странски групи, но засега во тој сегемнт од туризмот се` уште нема масовна посетеност.

„Се` е поврзано со инфраструктурата што можете да ја понудите за да може да се оди на една берза. На пример, Кокино е бренд, исто така и Куклици е бренд, значи има целна група која сака да ги посети. Но, ние не можеме да ги рекламираме, кога немаме инфраструктура околу нив. Прашањето е како да стигнете до Кокино“, објаснува Татјана Перовиќ-Митрова од Стопанската комора за туризам на Македонија.

Експертите нагласуваат дека заедничкиот настап на сите туристички организации, агенции, комори, со хотелиерите и туроператоприте е од клучно значење за развојот на македонскиот туризам.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Трајче Тосев