1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Странскиот јазик полесно се учи ако се знае мајчиниот

30 октомври 2010

Голем број деца со мигрантско потекло во Германија тргнува во училиште со лошо познавање германски јазик. Предуслов за успешната интеграција е тој да почне да се изучува што порано. Голема улога играат детските градинки.

https://p.dw.com/p/Pr0v
Децата треба германскиот јазик да го учат уште од најрана возрастФотографија: Bilderbox

Јазикот многу полесно се учи во детството, но добар дел од странците доселени во Германија не ги учат своите деца да зборуваат германски и таа задача им ја препуштаат на воспитувачите во градинките и на наставниците во училиштата. Тие, пак, се принудени да ги исправаат грешките на родителите, како што истакнува воспитувачката Анке Бук-Ешер, вработена во градинка во берлинскиот кварт Кројцберг, со доминантно мигрантско население. Овде тие ги учат своите први зборови на германски:

„Во голем дел децата кај нас доаѓаат на возраст кога штотуку почнуваат да зборуваат и тоа на мајчиниот јазик, најчесто турски или арапски. Германскиот допрва го учат овде, што е јасно барање на родителите до нас.“

Според Анке Бук-Ешер, познавањето на мајчиниот јазик е добра основа за учење на германскиот:

„Ако некое дете веќе има добар фонд зборови на пример на турски јазик, тогаш тој може да се прошири и на германскиот. Но, кога родителите дома воопшто не зборуваат со детето и тоа знае само неколку зборови, како може да се очекува да совлада и втор јазик?“

Важен е јазичниот фонд на детето

Факт е дека многу од децата со доселенички корени лошо го зборуваат и мајчиниот јазик, што го потврдува и педагогот Мануела Циле, директорка на градинката. Причина за тоа е што родителите не комуницираат доволно со децата.

Ausstellung Neues Deutschland von Pater Matthias Zlonkiewicz
Фотографија: Matthias Zlonkiewicz

„Важно ми е да им ја истакнам потребата да разговараат со децата, дури и одејќи по пат можат да го збогатат јазичниот фонд на детето, укажувајќи му на некоја буква, прашувајќи дали знае како се вика некој предмет, каква боја има некој автомобил. Проблем за нас е и тоа што децата дома гледаат телевизија на мајчиниот јазик, постојано разговараме со родителите на оваа тема.“

Во градинката, децата учат преку игра. Во Берлин постојат повеќе градинки со посебно осмислени програми за доселеничките деца. Но, родителите не се секогаш одушевени со ваквиот ангажман, често и релативно доцна ги запишуваат децата во градинка.

„Можната причина е сфаќањето на татковците, според кое жената која седи дома треба да се грижи за домаќинството и за малите деца,“ објаснува Мануела Циле.

Сепак, и таа констатира дека се` поголем број деца во градинка доаѓаат со подобрено знаење на германскиот јазик, можеби затоа што нивните родители се веќе трета или четврта генерација мигранти, и самите подобро го знаат германскиот, а ја сознале и неопходноста од неговото учење.

Автор: Јенс Розбах/ Жана Ацеска

Редактор: Трајче Тосев