1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стразбур очекува многу од изборите во Македонија

Тони Гламчевски28 јануари 2009

Советот на Европа е подготвен да помогне при организацијата на претседателските и локалните избори во Македонија. Но, се бара и фер однесување на политичките партии во земјата и нивните лидери.

https://p.dw.com/p/Ghi6
ЕУФотографија: AP

„Се надевам, дека овојпат заклучоците на набљудувачката мисија на изборите во Македонија, ќе бидат многу поразлични од минатиот пат, бидејќи за начинот на кои се одвиваа последните избори, изрековме многу критики.“- подвлекува за Дојче Веле, Луи Мариа де Пуч - претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа. Изразувајќи надеж дека изборите ќе се одвиваат според нормите на Советот на Европа, тој бара од политичарите, политичките партии и властите кои се одговорни за добриот тек на изборите, да направат напори за да тие бидат чисти и изборната кампања да биде вистински празник.

Претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Луи Мариа де Пуч, од македонските гласачи пак, бара, масовно да излезат на изборите. Ова не само поради легитимноста на демократијата туку пред се’ поради сликата којашто треба да ја остават во Европа.

„Тоа, исто така ќе биде слика за зрелоста на Македонија виз-а-ви Европа, посебно кон старите европски демократии кои имаат навика да учествуваат на избори. Од овие избори зависи иднината на земјата. Се надевам дека изборите ќе бидат позитивни за иднината на Македонија и со тоа за иднината на Европа,“ – нагласува Луи Мариа де Пуч.

Тери Дејвис: Избрите се многу значајни

Europarat Logo
Советот на Европа

Генералниот секретар на Советот на Европа, Тери Дејвис е подиректен, споредувајќи ја политиката со фудбалот. Неговата порака многу повеќе се однесува на политичките партии на земјата, отколку до избирачите: „Имам чувство дека изборите се многу значајни. Инцидентите, кои беа забележани на претходните избори и штетат на угледот и на начинот, на којшто другите земји гледаат земјата. Затоа, за политичките лидери од ’поранешната југословенска Република Македонија’, го повторувам она што сум го кажал и за многу други земји. Во политиката е како во фудбалот. Во политиката секогаш треба да се игра со топката и никогаш не треба да се удира по противникот.“

Но, ова не е специфичен проблем само во Македонија, тоа е проблем и во други земји членки на СЕ, прецизира Тери Дејвис.

Во политиката противникот не е непријател, во политиката нема непријатели, има само лица кои не се согласуваат со вас и тоа се само опоненти, вели генералниот секретар на Советот на Европа.

„Начинот на кој се водат изборите од страна на политичките лидери е многу важен, тука не можат да се носат закони, тоа е невозможно. Може да имаме добар изборен законик и лоша демократија, во политиката секогаш е важно да се има в предвид, дека можеби грешиме и дека противникот можеби е во право. Тоа се темелите на почитувањето.“ – додава Дејвис.