1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Страв од нови протести

Ж.Ацеска /дапд/дв/дпа/афп21 септември 2012

Пред денешната (21.09) петочна молитва на муслиманите, Германија и други западни држави ги ставија своите амбасади во вонредна состојба, стравувајќи од одмазднички акции поради антиисламскиот филм.

https://p.dw.com/p/16CAd
Фотографија: Reuters

„Насекаде во регионот ги зголемивме мерките на безбедност и делумно го зајакнавме бројчено безбедносниот персонал“, изјави германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле во Берлин. Тој не исклучува затворање на германски институции во исламските земји поради стравувања од безредија.

Вестервеле апелира на учесниците во демонстрациите во исламските земји своето незадововолство да го искажат на мирен начин. Истовремено, тој им порача на сите кои сега „се повикуваат на слободата на мислењето, да бидат свесни и за својата одговорност“. „Слободата на мислење не е слобода да бидат навредувани другите вери. Слободата и одговорноста се две страни на еден ист медал“, истакна Вестервеле.

Guido Westerwelle zu den Anschlägen im Sudan
Гидо Вестервеле: Зголемени мерки на безбедностФотографија: dapd

Франција, каде деновиве беа повторно објавени карикатури на пророкот Мухамед, веќе затвори 20 свои амбасади.

Во Пакистан уште вчера дојде до насилства. Повеќе од две илјади демонстранти во Исламабад имаа жестоки судири со полицијата, која употреби солзавец и предупредувачки истрели од огнено оружје. Целта на демонстрантите била упад во американската амбасада. Тие гореа американски знамиња и кукли со ликот на американскиот претседател Барак Обама.

„Нашите полицајци не се подобри од Американците, зошто не‘ запираат? Треба да ни дозволат да ја запалиме американската амбасада. САД го навредија нашиот пророк. Нашата полиција штити богохулници“, гневно извикуваше еден студент.

САД во меѓувреме откупја простор на пакистанската телевизија и се емитува спот со кој се дистанцираат од антиисламскиот филм, произведен во Америка, во кој пророкот Мухамед е прикажан како хомосексуалец и женкар. Во спотот на урду јазик се преведени извадоци од говорите на американскиот претседател Обама и министерката за надворешни работи Хилари Клинтон, кои ги одржаа по насилните протести против филмот, кој го осудија и повикаа на верска толеранција.

Islamabad Proteste
Протести во ИсламабадФотографија: AFP/Getty Images

Можно е денеска во Пакистан протестите да се прошират, а се очекуваат демонстрации и во други земји, иако се прават обиди да се смири бранот незадоволство. Во Тунис министерството за внатрешни работи забрани низа најавени демонстрации, по сознанијата дека е планирано тие да преминат во насилни. Египетскиот голем муфтија Али Гомаа апелираше до муслиманите да ги игнорираат провокациите и да не мислат на одмазда. Пророкот Мухамед своевремено морал да ги истрпи најлошите навреди од неверниците, но на нив реагирал мирно. Така треба да се однесуваат и муслиманите денес, порача муфтијата.

И во Германија денеска се закажани демонстрации на муслиманите против антиисламскиот филм и карикатирите на Мухамед во најмалку шест градови. Само во Фрајбург се очекуваат околу 800 учесници, а ќе има протести и во Куксхафен, Хановер, Минстер, Дортмунд и Карлсруе.