Стоп за „македонските туристи во еден правец“ кон Европа
20 мај 2011Најмалку 1.500 македонски државјани во последниве три до четири месеци заминале кон ЕУ со мотив да добијат азилантски статус, дознава Дојче веле од свои извори. Посебно интензивен бран бил регистриран во април, кога во Белгија се регистрирани 300 македонски државјани кои допатувале со билет во еден правец, беше речено денеска на брифинг на македонското Министерство за надворешни работи во присуство на претставници на белгиските емиграциски власти.
Според МВР граничната полиција на Македонија од премините кон Грција и кон Србија вратила околу 400 македонски државјани. Тие, како „наводни туристи“ биле превезувани од неколку туристички бироа кои немале лиценци на туроператори за странство. Како одговор на притисокот од Брисел македонските власти им забранија работа на неколку туристички бироа, едно од нив во скопската општина Шуто Оризари, од каде главно Ромите се иселуваат кон Западна Европа. Изречени се и казни во висина од 12.000 евра.
Автор: Александар Чомовски
Редактор: Жана Ацеска