1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стопанството се подготвува за можен грчки излез од еврозоната

Ролф Венкел/Симе Недевски13 јуни 2012

Сите (европските институции, банките, претпријатијата...) разработуваат сценарија за можен излез на Грција од еврозоната, но ретко кој признава. А оние што признаваат, не даваат никакви детали.

https://p.dw.com/p/15DG0
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во средината на мај еврокомесарот за трговија Карел де Гухт за првпат призна дека како Европската Централна Банка така и Европската Комисија работат на кризни планови, „во случај Грција да не успее“. За тоа веднаш беше прекорен од страна на еврокомесарот за монетарна политика Оли Рен: „Карел де Гухт е задолжен за трговијата. Јас сум задолжен за финансиските и економските прашања и за односите со ЕЦБ. Ние не работиме на сценарио на грчки излез од еврозоната“.

Други пак затоа се поискрени. „Ако централните банки и претпријатијата не се подготвуваат за такво сценарио, тоа би била голема професионална грешка“, вели на пример белгискиот вицепремиер Дидие Рајндерс. Меѓутоа и тој признава „На европско ниво нема средена дискусија за тоа што да се прави во таков случај.“ Сепак според дипломати на ЕУ, работна група на еврозоната побарала од владите на земјите-членки да разработат национални кризни планови во случај на збогување на Грција со еврото.

Новинската агенција Ројтерс тврди дека сознала дека високи службеници во еврогрупата во изминатите шест недели на телефонски конференции дискутирале за најразлични мерки, без притоа да донесат конкретни заклучоци. Кон мерките за кои се размислува припаѓаат и воведувањето контроли на движењето на капиталот, привремено укинување на важноста на Шенгенскиот договор, кој гарантира слобода на движење без гранични контроли како и ограничување на сумата на пари која може да биде подигната од банкомат.

Банките се подготвуваат за најлошото сценарио...

Fitch Griechenland
Фотографија: AP

Банките во еврозоната изгледа истотака се добор посоветувани за краен случај да си обезбедат доволна ликвидност. Херберт Степик, шеф на виенската Рајфајзен банка, објаснува зошто: „Евентуален излез на загрозената средоземноморска земја од еврозоната како последица ќе има жешко лето, силна вознемиреност на финансиските пазари и екстремни промени на берзанските курсеви“. Во таков случај недовербата меѓу банките повторно силно би се зголемила и конечно и граѓаните би станале загрижени за нивните влогови.

„Она од што најмногу се плашат банките е зголемување на чувството на несигурност кај приватните штедачи. Тоа води кон ситуација во која тој ќе тропне на врата во банката и ќе рече: си ги сакам моите пари“, вели Степик. Затоа неговата банка ги зголеми капиталните резерви на 25 милијарди евра.

Се претпоставува дека Европската Централна Банка има слични размислувања. Како најважно треба да биде избегнат можен кредитен теснец, каков што се закануваше уште во 2008. година по пропаста на американската банка Леман. Веќе двапати ЕЦБ им позајми на деловните банки во еврозоната вкупно еден билион евра за ефтини камати и многу експерти очекуваа дека на последната среда на Советот на ЕЦБ тоа ќе биде сторено по трет пат. Додуша тоа не се случи , но очигледно само поради тоа што ЕЦБ сака „да го држи барутот сув“ за краен случај.

Претпријатијата стравуваат од кредитен теснец

А за таков случај се подготвува и економијата. Две третини од германските претпријатија сметаат дека излегувањето на Грција од еврозоната има смисла, речиси половина дури со сметаат тоа за многу веројатно, а секое петто претпријатие веќе презема или планира мерки за таков случај, открива студијата на консултантската компанија Роланд Бергер. „Многу претпријатија, они кои имаат производни погони, дистрибутери или кредити за финансирање во Грција, мора да преземат соодветни мерки на претпазливост“, вели Макс Фалкенберг партнер во консултантската куќа.

Regierungskrise in Griechenland
Фотографија: picture-alliance/dpa

Претпријатијата имено најмногу стравуваат од нов кредитен теснец „Фирмите стравуваат дека нивните услови за финансирање ќе се влошат. Постојните кредитни линии би можеле да бидат скратени а нови воопшто да не бидат одобрени“, вели Флекенберг. Иако речиси 70 насто од прашаните претпријатија ја оценуваат својата состојба со ликвидноста како позитивна, сепак сакаат да бидат уште посигурни и да станат уште понезависни од банките. Затоа 94 проценти од претпријатијата според студијата на Роланд Бергер го наведуваат интерното финансирање како нивни најважен извор на финансии.

Подобро тежок крај, отколку долго страдање

Се’ повеќе економисти впрочем гледаат и позитивни ефекти во евентуалниот излез на Грција од еврозоната. Тоа според нив не би имало големи финансиски последици. Грција е мала земја и затоа последиците од откажувањето од еврото би биле издржливи, смета Томас Штраубхар, шеф на Институтот за меѓународна економија од Хамбург. Според него тоа би бил страшен крај но би имал една предност во тоа што би се зголемила сигурноста на планирањето. Зашто излезот од еврозоната за Грците дури и ако не сакаат тоа да го сфатат би бил вистинска катастрофа, би дошло до имплозија и економската состојба долги години потоа би била многу тешка, Но: „Останатите земји би виделе, дека не е никакво решение да се напушта монетарната унија. Ова сценарио кај Португалија, Шпанија и Италија би предизвикало ефект на одвраќање и би ја зголемило нивната подготвеност за реформи“, заклучува Штраубхар.