1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стокхолм: Зад кулисите на Нобеловиот комитет

Кристијан Улиг/Жана Ацеска12 август 2013

Зад кулисите на Комитетот за доделување на Нобеловата награда: таму сега во лето е тивко, но интересно е да се дознаат деталите како се врши изборот во Стокхолм.

https://p.dw.com/p/19I63
Фотографија: DW

Нобеловите награди би требало да бидат доделувани во лето - времето во Стокхолм тогаш е едноставно многу поубаво.

Во центарот на стариот град е Нобеловиот музеј. Наградата, основана од Алфред Нобел, така да се каже, е Оскар за научниците. Тоа не го знае никој подобро од Густав Калстранд, еден од кураторите.

„Цел свој живот работиш напорно во лабораторија. Ако имаш среќа, ќе добиеш Нобелова награда. Понекогаш дури и двапати, како Линус Паулинг, на пример.“

На таванот се вртат фотографиите на над 800 носители на наградата. Некои од нив се потпишале на столиците во музејското бистро, како нобеловецот за хемија од лани.

Калстранд сака да ни го покаже местото каде се одлучува за бесмртноста на научниците. Кралската академија на науки во октомври избира нобеловци за хемија и физика.

„Ова е салата каде Кралската академија на науки секоја година избира носители на наградата. На бината стои гласачка кутија, акадамиците се качуваат на неа, ги пуштаат гласачките ливчиња и се симнуваат долу“.

Сакаме безусловно да го видиме славниот телефон од кој директно по изборот се повикува новиот нобеловец.

„Еве го овде“, вели Густав и раскажува: „Се случило да се добие погрешен број, а еднаш повикаа лице со исто име како нобеловиот лауреат. Но, тој бил возач на камион, а не физичар. Така, по соопштувањето дека ја добил Нобеловата награда, тој морал со жалење да ја одбие“.

Овде на јавноста и‘ се соопштуваат имињата на наградените. Го среќаваме шефот на Комитетот за хемија. Неговиот тим ги избира добитниците, кои потоа ги потврдува Академијата.

Prof. Sven Lidin Vorsitzender Nobel-Komitee Chemie Schweden
Професор Свен ЛидинФотографија: Bengt Oberger-sa

Професор Свен Лидин, претседател на Комитетот за доделување на Нобеловата награда за хемија истакнува:

„Секогаш решаваме едногласно“.

А претходно? Дали се води голема расправа?

„За да може да се донесе едногласна одлука, претходно мора да има жестока дискусија“, вели професорот.

Иако во одлучувањето учествуваат многумина експерти, на крајот имињата ги утврдува Комитетот на Свен Лидин, што е голема одговорност:

„Наградата за неколку дена го прави научникот некој вид рок-ѕвезда. Така науката е во фокусот. Мислам дека тоа е значајната улога на Нобеловата награда“.

Потоа во декември наградените доаѓаат во шведската престолнина. Во Градската сала, каде сега шетаат туристи, се организира свечена вечера за над илјада гости, со учество на кралското семејство.

„Тогаш наградените можат вистински да се опуштат и да уживаат. Тие доживуваат една незаборавна вечер“, заклучува кураторот Густав.

Но, во меѓувреме Стокхолм го ужива летото. Додека наесен Нобеловата награда повторно да го анимира градот.