1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стипендии за странство за студентите

3 февруари 2012

Во Македонија е во тек конкурсот за стипендии во странство за додипломци и постдипломци. Некои од нив велат дека би се вратиле, а некои би останале во странство и по цена трикратно да ја враќаат стипендијата.

https://p.dw.com/p/13wC2
Фотографија: MIA

Владата преку Министерството за образование и наука го распиша конкурсот за стипендии за студирање во странство на некој од првите 100 рангирани универзитети според Шангајската листа и на првите 200 од таа рејтинг-листа од областа на техничките науки, а кој трае до 15-ти мај годинава. Според информациите од Владата, овој трет конкурс е охрабрување за најуспешните да студираат на најпрестижните светски универзитети, а нивните трошоци таа целосно да ги покрие.Тие ќе потпишат договор дека по завршувањето на студиите ќе се вратат во Македонија, со цел стекнатото знаење да го пренесат во некоја домашна институција. Ако сепак решат да останат во земјата во која ќе студираат, ќе мораат стипендијата на државата да и ја вратат во трикратен износ.

Mazedonien Land und Leute Studenten in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Младите го поздравуваат потегот на македонската влада

Дејан Ризински вели дека овие стипендии се одличен потег на Владата и многу се привлечни за нив младите, а сепак по завршување на студиите би се вратил дома.

„Ми се допаѓа од принцип што ако државата ни ги плаќа трошоците за студирање, ние треба да и‘ возвратиме за работната сила за која не‘ оспособила во друга држава. Ние на тој начин треба да и‘ ја вратиме истата услуга, како работна сила да се вратиме во сопствената држава и да се оддолжиме‘‘.

И Ангела Галевска исто така смета дека ова е одлична подршка од страна на македонската влада за најкапацитетните студенти, затоа што во Македонија најталентираните немаат услови за толку врвно образование. „Мислам дека ова е голема прилика, голема шанса за оние што навистина сакаат да успеат. Не, не би се вратила, ако би имала таква шанса би отишла таму, би студирала,би се вработила и би останала во странство‘‘.

Марија Коцевска е студент на Правниот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј ‘‘ во Скопје. И таа го дели мислењето со останатите млади во земјава.

„Ми се допаѓа предлогот, убави се можностите за студенти што сакаат да студираат во друга држава. Исто би се запишала на Правен факултет‘‘.

На прашање дали би се вратила во Македонија вели:

„Па не знам, зависи од тоа колку ќе престојувам таму. Меѓутоа помали се шансите за враќање на студентите, затоа што таму нудат подобар живот ‘‘.

За младите привлечни се и постипломските студии во странство

И постипломците во Македонија сметаат дека се мошне привлечни стипендиите од Владата на некој од престижните европски и светски универзитети.

Сандра Димовска е постдипломец на мастер студии по граѓанско право на Правниот факултет при скопскиот универзитет, смета дека оваа шанса од Владата е мошне привлечна за младите.

„Треба да одиме во другите земји каде што ќе се стекнеме со подобро образование, отколку што има тука. Не мислам дека образованието и тука е лошо, но таму е далеку, далеку подобро. Овде образованието е добро, само многу е теоретско, немаме ништо практично. Ако најдам добро платена работа би се вратила тука. Ако дојдам тука и ако нема работа би останала таму‘‘.

Mazedonien Land und Leute Studenten in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Нејзината колешка Андријана Терзијевска, исто така постдипломец на овој скопски универзитет, вели дека не размислува да замине на постдипломски во странство. Но сепак смета дека тоа е одлична можност за сите оние коишто сакаат да ги унапредат своите знаења и за неа, ако сепак одлучи да студира во странство, и за напредок на земјата.

„Доколку би одлучила да се школувам во странство, сепак би се одлучила пак да се вратам во Македонија. Мислам дека тоа што го прави премиерот, сепак тоа е за нас голем плус, а не само за нас, туку и за Македонија. Затоа што сепак ние ќе се вратиме во Македонија, ќе имаме повеќе знаење, а со тоа и повеќе искуство, со тоа што сме студирале во странство. Сепак тоа значи многу повеќе и за Македонија, за нејзин напредок и развој‘‘.

Автор Антоанела Димитриевска

Редактор: Ж. Ацеска