Степен на корупција-извештај на Транспаренси интернешнл
24 септември 2008Македонија е на 72 место во светот според степенот на корупција покажува истражувањето на Транспаренси интернешнл кое опфаќа 180 држави. Тоа е за 12 места подобра позиција во споредба со минатата година. Според премиерот Никола Груевски скокот на листата е успех што е резултат на двегодишната работа на неговата влада.
Вели дека кога дошол на власт во 2006 година, Македонија според степенот на коруција била рангирана меѓу земјите од Африка, а сега се наоѓа меѓу земји од Европската унија. „Од 105-то место кое Република Македонија пред две години го делеше со Свазиленд во времето на владеењето на минатата Влада, сега Македонија се наоѓа на 72 место, каде е на исто рамниште со некои европски држави, а убедливо пред земјите од регионот како Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, некои од нив земји членка на НАТО.“ изјави Груевски.
Како добар сигнал и како поттик за доплинителен ангажман во справувањето со корупцијата вчера објавениот извештај на Транспаренси интернешнл го смета и претседателката на државната антикорупциска комисија Мирјана Димовска.
Релативен напредок
За шефицата на невладината Транспарентност нулта корупција Слаѓана Тасева, непредокот нотиран во извештајот е релативен. „Република Македонија покажа одреден напредок кој што можеби изгледа висок ако ги гледаме само местата за кои сме отишле погоре на листата, но напредокот е релативен ако се знае дека е само за 0,3 индексни поени.“ вели Тасева.
Најостар во оценката е Сашо Ордановски од Транспарентност Македонија. За него напредокот е назначителен и покажува дека земјата не може да се справи со корупцијата.
Годинава Македонија е рангирана во група со Кина, Мексико, Перу, Суринам, Свазиленд, Бугарија. Од земјите во регионот подобро пласирани од Македонија се Словенија, Грција, Турција, Хрватска и Романија, а поголема корупција е измерена во Албанија, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина.