Статус на набљудувач за Палестина без германскиот глас
30 ноември 2012Во успехот на барањето на претседателот на Палестинците, Махмуд Абас, не се сомневаше никој. Откако минатата година не им беше дадено полноправно членство во ОН, Палестинците сакаа барем повисок статус во ОН. Претседателот на палестинските автономни власти со месеци работеше на таа цел и успеа. Во генералното собрание на ОН Абас од членките побара да го потпишат „изводот од матичната кнгига на родени“ за Палестина. Според Абас, „меѓународната заедница е исправена пред последната шанса за го спаси решението ’две држави’“.
„Нема да прифатиме ништо помалку од независна држава со Источен Ерусалим како главен град во границите од 1967 година. Така ќе можеме да живееме до Израел мирно и безбедно.“
Германија воздржана
Претседателот успеа да убеди 138 од 193 држави, меѓу нив и Шпанија, Франција и Италија. Девет држави беа против, меѓу кои и САД и Израел. Германија, како и 40 други земји беше воздржана.
Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле изјави дека одлуката да се биде воздржан не била лесна, но е одмерена. „Од една страна, барањето на Палестинците за сопствена држава е оправдано, но од друга страна ја знаеме нашата посебна одговорност за Израел и за мирен и стабилен развој на регионот“, рече Вестервеле. Тој објасни дека Германија е за сопствена држава на Палестинците која ќе егзистира покрај Израел, но сепак постои сомнеж дали набљудувачкиот статус на Палестина во ОН „во овој момент од мировниот процес е од полза“. Се стравува дека ова може повеќе да доведе до заострување на ситуацијата. „Решавачките чекори кон вистинска државност може да се направат само преку преговори меѓу Израелците и Палестинците“, изјави шефот на германската дипломатија.
Европа нема единствен став
Европските напори за постигнување единствен став на ЕУ по ова прашање пропаднаа. Тоа е драма, вели портпаролот на германските опозициони социјалдемократи за надворешна политика, Ролф Мицених. Тој за ДВ изјави:
„Германската влада во последните недели сериозно размислуваше да гласа со НЕ и со тоа провоцираше различни ставови во ЕУ. Јас лично можам да замислам и позитивно изјаснување, затоа што мислам дека треба да преземеме се‘ за да им дадеме поддршка на оние сили во Палестина кои се за мирен договор со Израел околу решението ’две држави’, а претседателот Абас е за тоа.“
Израел во потегот на Палестинците во ОН гледа еднострано кршење на договорите, поради тоа што во израелско-палестинските мировни договори стои дека сите отворени прашања мора да се решаваат преку преговори. Израелскиот амбасадор во ОН Рон Просор предупреди дека „неодмерената“ резолуција значи чекор назад за мирот во регионот.
„Единствениот пат до мир води преку преговори и компромиси на двата партнера, не преку резолуции на ОН“, рече Просор.
Абас пак, се надева токму на спротивното - тој најави дека директно по признавањето во ОН сака да започне нови преговори со Израел.