1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Статусот на земја кандидат за Македонија е „заслужен“

Тони Гламчевски15 март 2006

Европратениците ја поддржуваат стратегијата на Европската комисија за проширувањето на Унијата. Ветувањата треба да бидат исполнети, но со стриктно почитување на утврдените критериуми. Што уште содржи извештајот и резолуцијата за кои денес ќе се расправа во Стразбур?

https://p.dw.com/p/Adel
Скопје, Камен мост
Скопје, Камен мостФотографија: DW

Европската Унија треба да ги исполни ветувањата спрема земјите-кандидати и идни кандидати, се вели во извештајот на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент,посветен на "Стратегијата за проширување на Европската унија".


Во предложената резолуција, европратениците ја поддржуваат стратегијата на Европската комисија, особено делот дека мора да постојат „правични, строги и јасни услови“ врз кои ќе се потпира секоја фаза од преговорите со земјите-кандидати, со предлог преговорите да бидат прекинати ако бараните услови не се исполнети.

Во документот, за кој Европскиот парламент денес ќе води расправа во Стразбур, а утре ќе гласа е поставен и следниов услов: " Не треба да биде прифатена ниту една нова земја- членка пред да бидат ставени на располагање потребните буџетски средства“. Ова, со оглед на ќорсокакот во кој се наоѓа ратификацијата на Европскиот устав, што ја спречува ЕУ да го зголеми својот капацитет за прием на нови земји членки .

Сепак, европратениците сметаат дека Европската Унија треба да ги исполни дадените ветувања спрема земјите-кандидати и идни кандидати.

Во делот за Македонија, европратениците ја поздравуваат одлуката на Европскиот совет, со која и се даде „кандидатски статус“, оценувајќи ја како "заслужено признание за досега направените напори за воспоставување демократско и мултиетничко општество и за интегралното спроведување на Охридскиот договор и за воспоставување на стабилно, демократско и плуриетничко општество и држава".

Европарламентот е на мислење дека треба да му се посвети посебно внимание на изработката на стратегија за зацврстувањето на Договорот, од кој зависи идната стабилност на земјата.

Предлагачот на резолуцијата, германскиот парламентарец Елмар Брок, става акцент на доцнењето на Македонија во областа на слободното движење на стоките, правото на интелектуална сопственост, конкурентната политика и финансиската контрола.

Од Македонија се бара да ги зголеми напорите посебно во секторот на правосудството и внатрешните работи.

Европскиот парламент, во четврток кога ќе гласа за резолуцијата се очекува дека ќе препорача спроведување на сите препораки кои се однесуваат на идните парламентарни избори, подвлекувајќи дека е потребно да се гарантира дека изборната комисија и другите изборни органи ќе делуваат независно од сите политички мешања, земајќи ги предвид интересите и идеите на секоја политичка партија.

Од Македонија и Грција се бара да најдат, на конструктивен и помирувачки начин, брзо едно заедничко прифатливо решение за сеуште нерешениот проблем за именувањето на републиката, кој не треба да претставува пречка на патот на нејзината целосна интергација во европското семејство.

Со оваа формулација на Брок не се согласуваат грчките европратеници. Така, Георгиос Караџаферис бара повлекување на последниот параграф и со нов амандман бара од „ПЈРМ“ да се откаже од користењето на грчкото име „Македонија“ со што би придонесла за стабилноста на регионот и би отстранила значајна пречка од нејзиниот пат кон приближувањето со ЕУ.

Од сите земји од Западен Балкан се бара промовирање на регионалната соработка, посебно во етничкото и религиозното помирување, прекуграничната соработка, слободното движење на лица и борбата против организираниот криминал. Меѓу другото се бара и создавање зона за слободна трговска размена и делење на природните ресурси, за што Европската комисија би помогнала преку различните форуми во процесот на регионалната интеграција.