1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стар претседател во нова Русија

5 март 2012

Победата на Владимир Путин на изборите во Русија е однапред изрежирана. Но, никој не може да негира дека Русија се наоѓа пред пресвртница. Времето на промени штотуку почнува, смета во коментарот Инго Мантојфел.

https://p.dw.com/p/14FB8

Од спорните парламентарни избори во минатиот декември, во Русија заживеа протестното движење и дојде до политичка мобилизација. Минатата недела (04.03.) не беше ден којшто одлучи за политичката иднина на Русија. Не е изненадување што Путин излезе како победник на претседателските избори. И обвинувањата на опозицијата, дека изборите не биле фер и коректни, се очекувано сценарио. Но, со тоа не е ставена точка на поглавјето на протестите, бидејќи возбудливите времиња дури сега започнуваат. Како легално избраното водство во Кремљ ќе реагира на доведувањето во прашање на легитимноста на реизборот на Владимир Путин? И, како ќе се однесуваат незадоволните Руси, кои минатите недели излегуваа на протести?

Ако тргнеме од оптимистичкото сценарио, Путин со своите први потези би можел да прифати некои од барањата на опозицијата, која го критикува системот. Тоа би бил чекор со историски димензии, којшто би им дал одредена перспектива на незадоволните Руси. Но, ова сценарио е најмалку веројатно.

Попрво би можеле да се очекуваат целни репресии против поединечни претставници на опозицијата. Исто така е веројатно дека ќе бидат објавени површни поместувања и реформи во рускиот систем, без да се одговори на проблемите што создаваат притисок, како корупцијата и недостатоците во рускиот демократски и правен систем. Статус кво ситуацијата таму ќе остане, без вистинска модернизација.

Опции на средната класа која протестира

Ingo Mannteufel
Инго Мантојфел, автор на коментаротФотографија: DW

Реакциите на движењето против Путин би можеле да бидат различни и би можеле да се сведат на заеднички именител, кој гласи – ангажирање, радикализирање, повлекување, прилагодување или емигрирање.

1. Ангажирање: Mоже да се очекува дека големи делови од движењето против Путин нема да бидат обесхрабрени од исходот од изборите и дека и покрај тоа ќе се инволвираат во руската политика, посебно на локално ниво, во нови политички партии или нови граѓански асоцијации.

2. Радикализирање:  Се стравува дека некои претставници на движењето против Путин ќе се радикализираат и, во најлош случај, дури и би можеле да формираат терористички групи. Има индикации дека ова може да се случи и кај десното и кај левото крило во протестното движење.

3. Повлекување: Не е сосема неверојатно дека добар број на демонстранти ќе бидат разочарани од изборниот исход, со што би можеле да ја загубат надежта и да стават крај на политичкиот ангажман.

4. Прилагодување: Дел од популацијата што е против Путин едноставно може да се помири со ситуацијата и да гледа на јавниот живот со доза на цинизам.

5. Емигрирање: Многу млади и добро образовани Руси, кои сочинуваат добар дел од протестните групи, веројатно ќе побараат подобра иднина надвор од Русија. Овој одлив на мозоци без сомнение ќе има негативно влијание на земјата. Не само што Русија ќе ги загуби луѓето потребни за демократскиот развој, туку уште полошо – земјата ќе ги загуби оние луѓе што и’ требаат за економска и технолошка модернизација, нешто од што Кремљ треба да стравува пред се’ останато.

Овие алтернативни сценарија покажуваат дека Русија уште еднаш се наоѓа на раскрсница. Изборната недела не беше вистински ден за одлучување. Повеќе претстојните денови и недели подлабоко ќе ја обликуваат иднината на Русија. Иако претседателот повторни се вика Владимир Путин, во Русија сепак пристигна нова ера.

Автор: Инго Мантојфел

Превод: Александар Методијев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска