1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Старт на осминафиналните натпревари во ЛШ

ЕМФ/макфас12 февруари 2013

Со натпреварите меѓу Селтик и Јувентус, односно Валенсија и Пари Сен Жермен, денеска (12.02) стартува осминафиналето во Лигата на шампиони.

https://p.dw.com/p/17cbf
Фотографија: picture-alliance/dpa

Лидерот во шкотскиот шампионат, Селтик, со пласманот меѓу најдобрите 16 екипи, го повтори успехот од 2007 и 2008 година, а прашање е дали е ова крајниот дострел на екипата која ја предводи Нил Ленон.

„Немаме што да загубиме. Реално се може да се случи во овие две средби. Нормално е дека Јувентус е фаворит, играчите се свесни што ги очекува“, изјави менаџерот на Селтик.

Селтик, сезонава игра добро во шампионската лига, заврши втор во групата во која беа Барселона, Бенфика и Спартак Москва. Шкотскиот тим надежите ги полага и во традицијата - последен пат некоја италијанска екипа забележала победа на „Селтик Парк“ далечната 1969 година. Тогаш Милан се радувал на минимална победа.

Wettskandal in Italien Antonio Conte
Антонио Конте верува дека Јувентус може да стигне до крајотФотографија: dapd

Јувентус е екипа која последните две години во континуитет игра добро, во европските купови нема пораз уште од 18.март 2010 година, кога во Лондон, загуби од Фулам со 4:1. „Старата дама“ на европската титула чека 17 години, а тренерот Антонио Конте верува дека оваа сезона неговиот тим може да стигне до самиот крај. Јувентус на оваа средба ќе биде посилен за Николас Ањелка, кој најверојатно ќе дебитира за новиот тим.

„Селтик нема што да загуби и сигурно е дека скапо ќе ја продаде својата кожа. Во Глазгов не‘ очекува исклучително тежок меч“, изјави Ањелка.

Champions League 2012 Fußball Porto Paris
Златан Ибрахимовиќ (ПСЖ) игра фантастична сезонаФотографија: dapd

Целосна неизвесност ќе владее на дуелот помеѓу Валенсија и ПСЖ, екипи кои никогаш не играле меѓу себе. Валенсија, која не блеска во домашниот шампионат, сите надежи ги полага во традицијата. Имено, тимот во европските купови, на домашен терен има одиграно осум натпревари против француски екипи и без примен гол победил на сите натпревари.

„Не треба да се трошат зборови за квалитетите на ПСЖ. Тоа е тим составен од фантастични индивидуалци. Сепак и тие како и секоја екипа имаат одредени недостатоци, кои ќе се обидеме да ги искористиме. Сакаме на првиот меч да забележиме добра резултат“, изјави тренерот на Валенсија, Ернесто Валверде.