1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стартува изборната кампања во Македонија

Александар Чомовски2 март 2009

Синоќа на полноќ официјално започна кампањата за претстојните локални и претседателски избори што ќе се одржат на 22 март. Сите учесници во кампањата, имаат 20 дена да покажат зошто ја бараат довербата од граѓаните.

https://p.dw.com/p/H3o9
Започнува трката по глас повеќеФотографија: AP

Седум кандидати од денеска влегуваат во трката за претседателската функција во Македонија. Ѓорѓи Иванов од ВМРО-ДПМНЕ, Љубомир Фрчкоски од СДСМ, Агрон Буџаку од ДУИ, Мируше Хоџа од ДПА, Нано Ружин од ЛДП, Имер Селмани од Нова демократија и Љубе Бошковски како независен кандидат. ВМРО-ДПМНЕ по традиција кампањата ја започнува од Охрид. СДСМ првиот митинг го одржува во Прилеп. ДУИ во Струга, ДПА во Гостивар. Имер Срелмани, кампањата ќе ја започне од Битола, како манифестција на т.н. граѓанска опција на овој кандидат од албанскиот политички блок.

Груевски верува во капацитетите на Иванов

Gjorgji Ivanov Presidentschaftkandidaten der Partei VMRO DPMNE
Ѓорѓи ИвановФотографија: MIA

Последните анкети на јавното мислење покажуваат дека универзитетскиот професор Ѓорѓи Иванов, засега е во убедлива предност пред конкурентите. Во своите досегашни настапи тој изјави дека неговите приоритети во политиката се идентични со оние на владата. Влез на земјата во НАТО и ЕУ. Ова го истакна и премиерот Никола Груевски во синоќешната изјава за телевизијата А1. Груевски најави подготвеност за компромис околу спорот за името со Грција, но исто така и соработка со идниот шеф на државата. Македонскиот премиер смета дека Иванов има капацитет, можности и знаење за да го води процесот околу името со Грција и верува дека тој ќе го даде максимумот, иако како што вели се` не зависи од македонската страна.

Кандидатот на ЛДП, Нано Ружин, смета дека досегашните разлики меѓу премиерот Груевски и претседателот Бранко Црвенковски беа клучни за отсуство на единствена државна стратегија во преговорите со Грција. Тој потсети дека македонската државна делегација на самитот на НАТО во Букурешт настапила неединствена. Затоа според него неуспехот бил неизбежен. Ружин меѓутоа смета дека времето сеуште целосно не е изгубено. Претседателскиот кандидат на ДУИ, Агрон Буџаку на симноќешната партиска конвенција изјави дека неговата мисија е да ја направи Македонија стабилна, почитувана од соседите и членка на НАТО и ЕУ.

Кандидатите да се држат до изборната програма

Ljubomir Frckoski
Љубомир ФрчкоскиФотографија: Ljubomir Frckoski

Експертите сметаат дека кандидатите ќе успеат да обезбедат поголемо учество на граѓаните на изборите доколку повеќе се посветат на презентација на своите изборни програми. На претседателските и локалните избори во Македонија, право на глас имаат 1.792.082 избирачи евидентирани во Единствениот избирачки список. Кампањата ќе трае до 20 март на полноќ. Денот на гласањето е закажан за 22 март.