1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Старите занаети се враќаат во мода

21 септември 2011

Западен Балкан преку заеднички проект финансиран од Европската унија во обид да ги зачува старите занаети.Искуствата , идеите и плановите во Охрид ги споделија учесници од Јанина, Призрен и Ѓирокастро

https://p.dw.com/p/12dN7
Има ли надеж за занаетчиството на Балканот?Фотографија: Milco Jovanoski

Децении наназад, пред налетот на новото време на Балканот исчезнува старата архитектура, катанците на дуќаните се секојдневие, така полека умира мирисот на едно времe. И додека во Европа ревитализацијата на старите градови не може да се замисли без поддршка на старите занаети, на Балканот примерите можат да се набројат на една рака. Невладината МАТА од Скопје, со локалниот партнер КУЛТ ДАМ деновиве во Охрид ја одржа втората регионална работилница од проектот : „Европски вредности во наследството“. Германецот Штефан Демпке, менаџер на проектот вели:

„Загрижени сме. Гледаме дека во време на економска и политичка нестабилност, транзиција си го направила своето. Не постојат квалитетни закони со кои се регулира работата на занаетчиите и  нивното опстојување .Тие занаетите го носат културниот идентитет. Европа тоа го бара. Западен Балкан на патот кон ЕУ треба да обрати повеќе внимание на занаетчиството.“

Да се живее само  од занаетчиство и уметност на Балканот е фантазија

Слична судбина со останатите стари градови на Балканот „живее“ и Охрид. Занаетчиството  исчезнува. Од стотиците семејни бизниси кои се пренесувале од колено на колено денеска опстојуваат само изработувачите на бисери, филигран и резбарите. Етнологот Оливера Мишева, вели: 

„Занаетчиите се обременети со големи давачки кон државата. Се соочуваат со нелојална конкуренција од готови производи увезени од Исток. Од друга страна немаат атрактивен простор да си ги изложат своите производи“.

Mazedonien Ohrid Kultur
Грчката претставничка Ана АсимакопулосФотографија: Milco Jovanoski

Анастас Дудан уште пред две децени сфатил дека преку обработка на металот и изработката на производи во кои се препознава минатото на регионот може да се живее , но сепак признава :

„Да се живее од занаетчиство и уметност денеска според мене е фантазија, бидејќи тие се во изумирање. Времето тоа го кажува и индустриското производство му кумува на оваа состојба. Потребна е само голема волја за човек да се занимава со оваа работа само за да се одржува во живот занаетчиството. “

Во Охрид се зборуваше за ревитализацијата на  дел од изгорените дуќани во Ѓирокастро во немирите од деведесеттите во Албанија, за Призрен, град во Косово кој сака историските датуми од минатото да ги искористи како мотив за новите занаетчиски производи и да привлече туристи. Грците го пренесоа искуството со изградбата на Центар на стари занаети и рачни изработки во Јанина,а Охрид се пофали со искуството во воспоставувањето врски меѓу традиционалните занаети туризмот и локалниот економски развој.

На повидок трансгранична соработка меѓу Македонија и Грција

Токму идејата дека занаетчиството може во иднина да биде одличен извор на приход во туризмот ги спои претставнците од Македонија и Грција  кои наскоро  договорија билатерални средби на кои ќе се разгледуваат трансгранични проекти за кои Европа нуди пари.

Alte ausgestorbene Handwerke auf dem Bazar in Skopje Mazedonien
Занаетчија со Старата скопска чаршијаФотографија: Musliu

„Туристите сакаат чисто езеро,прекрасна околина , но ги ценат и автентичните и висококвалитетни рачни изработки . Поради тоа Европската комисија ја поддржа оваа иницијатива за да ги размениме најдобрите практики и да се развијат долготрајни врски помеѓу нашите земји и нашиот регион во наша идна заедничка корист , рече Ана Асимакопулос од  Грција.

Пораката од Охрид за сите е дека преку заживување на занаетчиството ќе се „разбудат“ и  локалните економии, бидејќи регионот има мноу автентичност во себе . 

Автор: Милчо Јовановски

Редактор: Борис Георгиевски