1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Старите долгови го спуштија МАТ на земја

Горан Петрески12 декември 2008

Македонскиот авиопревозник не лета во Германија и во Италија поради долгови кон Еуроконтрол. Проблемот настана откако оваа институција реши да ги расчисти старите сметки со МАТ.

https://p.dw.com/p/GEdA
За сега нема слетувања на аеродромот во ДизелдорфФотографија: AP

Откажани се летовите кон Берлин, Дизелдорф, Хамбург и Рим. Поради ова во пресрет на новогодишните празници, кога е шпиц сезона во авиосообраќајот на скопскиот аеродром се вратија старите слики на метеж, турканици, нервозни патници.

Во МАТ креваат раменици

Во МАТ немаат одговор кога ќе продолжат да летаат кон Германија и Италија. Патниците ги упатуваат на нивните партнери, странски нискобуџетни авиокомапнии, кои ќе ги преземат дестинациите до решавањето на проблемот. Зденка Павковиќ од службата за односи со јавноста на МАТ за Дојче Веле објаснува: „МАТ моментално има проблем со Германија, бидејќи има долгови кон Еуроконтрол од 2001-та година, кога беше воениот конфликт во земјата, кога сите други авиокомпании престанаа да летаат кон Македонија, само МАТ леташе кон странство. Еуроконтрол го побарува овој долг, иако е стар и презеде според наше мислење многу ригиден чекор, посебно во ерата на светската економска криза. Се надеваме дека проблемот со поддршка на владата ќе биде многу скоро надминат.“

Flugzeug mit Tower in Sydeny, Australien
Кула за контрола на летањеФотографија: AP

Помош од државата

Македонските воздухопловни власти се обиделе да посредуваат во релациите на МАТ со Еуроконтрол. Агенцијата за цивилна воздушна пловидба испратила писмо до Еуроконтрол во кое побарала да се олесни отплатата на долгот на МАТ.

Во меѓувреме нервозата на аеродромите и пред шалтерите на агенциите кои продаваат авиобилети расте. Голем број граѓани кои се подготвуваат да патуваат во Германија или во Италија се во неизвесност и мораат да ги менуваат плановите. Летовите кон Дизелдорф времено ќе ги покриваат германските компании „Хамбург интернешнл“ и „Скај Вингс“, а останатите забранети дестинации ќе останат недостапни. Поради тоа што станува збор за ниско-буџетни компании тие не го користат меѓународниот аеродром во Дизелдорф, туку едната го користи помалиот аеродром Келн-Бон, а втората алтернативниот во Дизелдорф, Везе.