1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Старделов: Нашето главно оружје ќе биде науката!

12 ноември 2009

Интервју со претседателот на Македонската Академија на Науки и Уметности, Георги Старделов околу Македoнската енциклопедија и натамошните чекори на МАНУ во врска со овој проект.

https://p.dw.com/p/KTto
Георги СтарделовФотографија: DW

Каква е конечно разврската околу Енциклопедијата? Дали првото издание заминува во библиографски изданија или се подготвува ново прво издание?

Старделов: Ни едното, ниту другото не е точно. Задача на новата редакција ќе биде да изготви нова концепција како ќе изгледа продолжувањето на овој проект, што од материјалите што се завршени ќе се користат, а за кои прашања ќе се создаваат нови одредници. Идејата е да се работи на новите одредници и секоја нова одредница чиј автор ќе ја претстави, кога ќе помине фазата на главната редакција, ќе излезе на сајтот на МАНУ и ќе се направи поголема транспарентност во работењето на Академијата.

Македонската енциклопедија беше промовирана со еуфоричност. Во една Ваша изјава рековте дека е тоа контроверзна книга која максимално ја промовира Македонија.

Старделов: Контроверзија на македонски значи научна расправа. Што се однесува до Македонската енциклопедија, значи што се однесува до таа научна расправа околу која има спорни места, ме радува само тој факт дека самата Енциклопедија си пробива пат до читателот по свои сопствени канали. Сега имаме таква состојба што неколку стотици илјади луѓе веќе ја имаат на своите компјутери првата верзија на Македонската енциклопедија и тоа е една од, како да кажам, добрите страни. Видете, ние не создадовме, ниту можеме од Македонската енциклопедија да создадеме некој катехизис во кој сите треба да се крстиме. Во филозофија на науката денеска стои проблемот на грешката како фактор на потреба од перманентна критика на проблемот, од перманентно доработување на проблемот, така што контроверзните книги не се со самото тоа најлошите книги и ние немаме намера, се разбира, тоа да го продолжиме така како што беше толкувано, туку би сакале колку што е можно повеќе да дадеме прилог во кој ќе има помалку контроверзи, а повеќе фактички судови. Фактичките судови се судовите на изворите на секоја една одредница.

Ако на илегалните сајтови, како што велите, е кликнато над 200.000, 250.000 пати, се говори дури и дека некој добро заработил на таа основа, тогаш очигледно е дека првото издание на Енциклопедијата, како што рековте, си го нашла својот пат, таа е обнародена во јавноста. Зошто тогаш не го издадете на одреден начин како библиографско, како аукциско издание, со оглед на тоа дека првото издание, без оглед на контроверзите, сепак некаде опстојува?

Старделов: За сите овие прашања јас имам свое мислење, но јас имам само право на свое мислење, а немам право на некои дефинитивни судови во врска со иднината на Македонската енциклопедија и во врска со иднината на текстовите што останаа уште неукоричени. Сега се поставува прашањето – дали после оваа електронска експанзија или електронско издаваштво кое сега стана светски пробив на Македонската енциклопедија, има смисол и понатаму фактот да ја чуваме и натаму оваа Енциклопедија во незавршена верзија. Постои голем интерес за Македонската енциклопедија и јас самиот не можам да си објаснам од каде доаѓа тој интерес, но факт е дека, на пример, на последниот саем на книгата во Белград, една од најбараните книги на македонските штандови била Македонската енциклопедија. Значи, тој интерес постои. Новата Редакција е овластена во рок од најдоцна еден месец да понуди концепција, да понуди приоритети, да понуди процедура за тоа на кој начин ќе се продолжи проектот „Македонска енциклопедија“.

Академик Старделов, како ги доживувате, прво како научник, како филозоф, контроверзните дискредитации, политизацијата на Енциклопедијата? Имавте обединувачки фактор кај македонските и албанските интелектуалци кои критикуваа одредени одредници на етничка основа, но исто така имавте и Македонци и Албанци кои имаа по малку инквизициски став – Енциклопедијата да се запали.

Старделов: Кога трезвено ќе се помисли, тоа се мисли изречени во една состојба на неконтролирана, избувната свест и страст. Ниеден нормален човек кој ги знае искуствата на инквизициите со палењата на книгите, кој ги знае овие нешта што ни‘ се случуваат во модерната историја, кога во т.н. Кристална ноќ гореа најголемите умови на светот, нема да се осуди при здрава памет да го предложи она што беше предложено – или да се запали Македонската енциклопедија, или да се забрани, или да се прогласи за ништовна.

Во јавноста, МАНУ се наоѓа во средиштето на политизација на процесите. Иако зад себе имате актуелни или изработени седумдесетина крупни проекти, сепак, во центарот на политичката јавност се најдовте по многу спорни акции, изјави или дела.

Старделов: Осудата на Македонската енциклопедија почна од политичките партии. Затоа и не реагиравме на ставовите кои тие ги изнесуваа. Едноставно, мислевме дека е недостојно на МАНУ да се впушта во политички дисквалификации или политички дијалог со политичките партии. Факт е, меѓутоа, едно – дека лексикографијата не е наука во која се водат полемики. Самите енциклопедии ги користат последните резултати на науките во одделните области. Може да се води голема полемика во историјата за некои историски настани, пред да се пристапи кон пишување ќе се води расправа. Имаме намера да поведеме повеќе расправи за некои клучни одредници кои предизвикаа недоумици и анимозитети спрема Академијата и Енциклопедијата, односно во својата основа нашето главно оружје ќе биде науката.

Што станува со идејата да се одговори на т.н. албански научен фактор кој инсистира на отворање на МАНУ кон албанската научна јавност, на создавање на некакво одделение внатре, за да не се изврши нова сепарација на науката или создавање на две паралелни етнички Академии?

Старделов: Во рамките на МАНУ, на досегашните центри, да се формира еден истражувачки центар кој би се занимавал со етничките заедници кои имаат битно значење за развојот и стабилноста на македонската држава. Бидејќи, навистина, освен отворање на некои универзитети и институти кои создадоа навистина многу значајни кадри од етничките заедници, јас очекувам во следната фаза проширување на истражувачката дејност на МАНУ и во оваа област и имаме веќе проект, истражувачки центар за културното наследство.

Се знае ли кој ќе биде Редактор на Енциклопедијата? Има ли имиња, има ли номинации?

Старделов: Јас мислам дека за тоа е се‘ уште рано да се зборува, бидејќи Редакторот на Македонската енциклопедија го избираат членовите на Редакцијата.

Во јавноста веќе се вртат имињата на академиците Маџинков, Ќулафкова, Камбовски... Дали меѓу нив би можел да биде Главниот редактор?

Старделов: Се споменуваа повеќе имиња. Тоа се се‘ угледни луѓе. Јас мислам дека секој од нив би можел да ја врши таа функција.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска