Стандард и Пурс се закани со намалување на кредитниот рејтинг во еврозоната
6 декември 2011Меѓународната агенција за определување на кредитните рејтинзи ја наведува кризата на европската заедничка валута како причина за преиспитување на кредитната способност. Со повторната проценка можно е некои од земјите да бидат оценети со послаба оценка.
Од рејтинг агенцијата вчеравечер (05.12.) информираа дека утврдиле систематски потрес во изминатите недели во еврозоната, кој се зголемил до степен што се одразува негативно врз кредитниот рејтинг на целата еврозона. Како клучно за ваквата состојба се посочува несогласувањето во ЕУ како да се поврати довербата на пазарите и како да се обезбеди поголема економска, финансиска и фискална стабилност на подолг рок, стои во соопштението од Стандард и Пурс.
Берлин и Париз смирени, Грција најлоша во светот
Берлин и Париз со смиреност ја примија веста. Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател, Никола Саркози вчера објавија дека двете влади дале предлози за реформи во монетарната унија, преку координација за буџетската и економската политика за на тој начин да се зголеми стабилноста, конкурентноста и да се промовира раст.
Земјите кои претходно беа оценети со највисок рејтинг - „ААА“, како Австрија, Германија, Луксембург, Финска, Франција и Холандија треба да се загрижени, бидејќи тоа ќе биде дополнителен притисок во економската криза.
Од целата еврозона нема закана за намалувања само за две земји - Кипар и Грција. Кредитоспособноста на Кипар е веќе преиспитана, а онаа на Грција во моментов е најлоша од сите земји во светот.
Како реакција на заканата за намалување на кредитниот рејтинг Европскиот берзански индекс утрово доживеа пад.
Автор: Александар Методијев /дапд/ртр/макфакс
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска