1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Српското здравство боледува од - корупција

Ивица Петровиќ/ Жана Ацеска19 јуни 2013

Здравството во Србија и официјално е на последно место во Европа и со висок степенна корупција. Поддршката на власта кон акцијата „со СМС против корупција“ е „иронична и цинична“, порачуваат лекарите.

https://p.dw.com/p/18r9j
te KorruptionФотографија: Fotolia/Minerva Studio

Годишно за здравството се одделуваат околу два милиони евра од државниот буџет, а значителен дел од тие пари завршува во приватни џебови поради корупција, пред се‘ преку јавните набавки и наместени тендери. Српското министерство за здравство во рамките на борбата против корупцијата затоа го поддржа проектот на здружението граѓани „Србија во движење“, кој предвидува граѓаните по пат на СМС пораки да ги пријавуваат случаите на корупција во здравството. Стручните здруженија целиот проект го гледаат како фарса и продавање магла.

Корупцијата почнува од врвот

Професорот на медицински науки Вишеслав Хаџи Тановиќ, претседател на здружението „Приватни лекари на Србија“, за Дојче веле изјавува-овој начин на борба против корупцијата во здравството е најобично продавање магла. Корупцијата во здравството е системска, таа тргнува токму од Министерството за здравство, вели Тановиќ:

„Најголемата корупција владее всушност во Министерството за здравство, таму каде што се решаваат набавките и инвестициите. Така, треба да се почне од главата. Ако сакаме да ја елиминираме корупцијата во српското здравство, кое е прогласено за најлошо во Европа, мора да тргнеме од Министерството-се‘ да биде транспарентно, да се процесуираат сите досегашни корупциски наоди на обвинителството и полицијата, кои се многубројни, почнувајќи од купувањето вакцини, набавка на опрема, инвестиции во Клиничките центри и т.н.“

Symbolbild Arzt verschreibt Medikament Korruption
Фотографија: Fotolia/LUCKAS Kommunikation

Циничен СМС-проект

Акцијата „Со СМС против корупцијата“ е отворено потсмевање на сите напори на владата на Србија во борбата против системската корупција во здравството, оценува за Дојче веле д-р Драшко Караѓиновиќ, координатор на невладината организација „Лекари против корупцијата“:

„Да се бара против системската корупција да се борат граѓаните преку СМС- пораки е комично, на некој начин и цинично. Зашто, да потсетиме, истиот ден кога министерката за здравство го поддржа овој бесмислен проект, беше обелоденета аферата со лажирање на јавните набавки, во која е вмешан врвот на Министерството за здравство со купување рентген опрема. Наместо министерката да воведе ред во своето министерство, да ги санкционира одговорните, најблиските соработници, таа бара од граѓаните да ги пријавуваат здравствените работници, кои на пациентот можеби му барале 50 или 100 евра. Тоа покажува целосно немање волја во Министерството против корупцијата“.

Д-р Караѓиновиќ скренува внимание дека Министерството за здравство пред неколку години инсталираше т.н. „бел телефон“, кој исто така требаше да служи во борбата против корупцијата, а резултатот  на тоа е - корупцијата никогаш не била поголема.

Здравството во Србија е целосно политизирано, зашто најсериозната корупција се одвива токму на менаџерско ниво, на кое се поставуваат партиските кадри, предупредува д-р Караѓиновиќ. Се работи за огромни заработувачки и огромни профити за финансирање на политичките партии, а тоа е една од основните причини зошто не се работеше сериозно на сузбивањена корупцијата во здравството, вели Караѓиновиќ.