1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Српски пасоши за спортистите од БиХ – спорт или политика?

Самир Хусеиновиќ / Александар Методијев27 август 2013

Во БиХ се поделени мислењата за доделување српски пасоши на спортистите од Република Српска, со што тие ќе можат да играат и во репрезентацијата на Република Српска и во онаа на Србија. Дали вака се политизира спортот?

https://p.dw.com/p/19X5G
Фотографија: AFP/Getty Images

Многумина во БиХ сметаат дека доделувањето српски пасоши на спортистите од Република Српска е политичка одлука која нема врска со развојот на спортот на тие простори.

„Тој чин нема да ги задоволи амбициите на спортистите, како од оваа, така и од онаа страна на реката Дрина“, изјави за Дојче веле уредникот на спортската редакција на весникот „Дневни аваз“, Синан Синановиќ. „Мислам дека би било многу подобро политичарите да се изборат да имаме заедничка Олимпијада, некое европско или светско првенство. Сметам дека ова доделување на пасоши само ги доведува во заблуда спортистите од Република Српска, бидејќи не сум сигурен дека нив во Србија ги чека мед и млеко, односно дека во појака конкуренција ќе остварат некои впечатливи резултати“, додава Синановиќ.

Тој тврди дека многу спортисти од Република Српска „не потрчале“ да земат српски пасош, затоа што повеќето сакаат да остварат резултати во својата матична земја – Босна и Херцеговина. Но, доделувањето на пасошите не е единствен пример на вплеткување на политиката во спортот, вели уредникот на спортската редакција на весникот „Дневни аваз“. Тој потсетува дека Фудбалскиот сојуз на БиХ „поради мир во куќа“ прифатил одигрување на пријателски фудбалски натпревар меѓу репрезентациите на Република Српска и Република Србија, сметајќи дека ФИФА и УЕФА нема да го одобрат играњето на овој натпревар.

Sinan Sinanovic Dnevni Avaz Bosnien und Herzegowina
Синан Синановиќ, уредник на спортската редакција во „Дневни аваз“Фотографија: DW/S. Huseinovic

Поделени мислења

„На спортските работници од Република Српска би им било подобро да им помагаат на спортистите, спортските клубови, да ја развиваат инфраструктурата, отколку што го потенцираат ова прашање кое има сосема друга заднина“, вели Синановиќ, потсетувајќи дека главниот секретар на Фудбалскиот сојуз на Република Српска, Радољуб Петковиќ, уште во 2011 година ги откри вистинските мотиви за одигрување на еден таков натпревар.

„Доколку ентитетите би добиле шанса за самостоен настап на меѓународна сцена, би дошле во ситуација во која беа Србија и Црна Гора, чии репрезентативци добија рок да се изјаснат за кого ќе настапуваат по распадот на државната заедница“, рече тогаш Петковиќ. Првиот човек на ентитетскиот фудбалски сојуз денес изнесува поинакви тврдења.

„Тој натпревар би имал за цел популаризација на фудбалот во Република Српска и нема политички мотив. Се надеваме дека ФИФА ќе го одобри натпреварот, бидејќи за тоа нема никакви формални пречки“, вели Петковиќ.

Fußballspieler Marko Marin Bundesliga Mönchengladbach vs. Hoffenheim
Некогашниот репрезентативец на Германија Марко Марин (лево на фотографијата) е еден од играчите за кои се зборува дека би можел да биде повикан да игра за Република СрпскаФотографија: picture-alliance/dpa

Можноста во Бања Лука во пријателски натпревар да се сретнат репрезентациите на Република Српска и на Србија предизвика големо внимание на граѓаните од двата ентитета. Очекувано, мислењата се поделени. „Не сум против тој натпревар, бидејќи ние имаме многу проблеми, а тој е најмал. Мислам дека УЕФА ќе го дозволи тој натпревар, бидејќи и порано имало средби од сличен карактер меѓу држава и покраина“, вели С.М. од источниот дел на Сараево. „Тоа е политичка игра и не сум за тоа да и’ се дозволи на репрезентацијата на ентитетот да настапува против државната селекција“, истакнува Х.К. од Сараево.

Аналитичарите потсетуваат дека спортот на овие простори од секогаш бил „повеќе од игра“, како и дека во не многу далечното минато на спортските терени се одлучуваше за многу официјални прашања, а мечот меѓу Динамо и Црвена ѕвезда во 1990 година во Загреб ги навести крвавите воени случувања.