1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Српските социјалисти решија да им се извинат на граѓаните

5 јануари 2012

Претседателот на Социјалистичката партија на Србија (СПС) Ивица Дачиќ смета дека партијата би можела да им се извини на граѓаните за проблемите во 90-те години. Што со тоа извинување ќе добијат граѓаните, а што СПС?

https://p.dw.com/p/13ehJ
Батписот со логото на СПС пред седиштето на партијата во БелградФотографија: DW

Претседателот на социјалистите, потпретседател на српската влада и министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ оцени дека неговата партија „би можела да им се извини на српските граѓани за проблемите што ги имале во последната деценија од минатиот век“, бидејќи таа за нив и делумно одговорна. Дачиќ изјави дека за проблемите кои постоеле тогаш во дел се криви социјалистите, а во дел општата ситуација во која тогаш се наоѓала земјата.

Во контекст на изборите

Занимливо е дека претседател на една партија која има такво минато како СПС сака да им се извинува на граѓаните на Србија, но истотака се поставува прашањето за мотивите за таквиот чекор, вели Милан Антонијевиќ, директор на Комитетот на правници за човекови права (ЈУКОМ). Една реченица со која ќе се извини на граѓаните не е Вили Брантовска реченица, туку нешто што е дел од предизборната кампања, оценува Антонијивиќ.

Serbischer Innenminister Ivica Dacic
Лидерот на СПС и српски вицепремиер Ивица ДачиќФотографија: MUPRS

„Тука би требало да се види дали ќе има некои дополнителни чекори. Дали навистина ќе се види желба да се раскрсти со тој период, дали искрено ќе се говори за она што го предизвика политиката на Слободан Милошевиќ, а и политиката со која се продолжи по 2000-та година“.

Извинувањето не е доволно

Миљенко Дерета, директор на Граѓанската иницијатива изјавата на Дачиќ истотака ја гледа во контекст на изборите. Според него е очигледно дека Дачиќ проценува дека гласовите на т.н „верници“ на СПС не се доволни, туку сака да ги прошири и на оние кои беа директно загрозени за време на 90-те години и кои имаат многу специфичен однос кон минатотот на СПС.

Sozialistische Partei Serbien 2 SPS Hauptsitz in Belgrad
Седиштето на СПС во БелградФотографија: AP

Дерета притоа смета дека извинувањето не е доволно: „Освен извинување, многу поважно е да во кадровската политика на СПС повеќе не бидат присутни луѓе кои на овој или оној начин претставуваат континуитет на политиката на Милошевиќ. Истотака би требало во изјавите кои ги дава самиот Дачиќ да нема некои непријатни сличности со оние изјави кои ги слушавме во времето на Милошевиќ“, вели Дерета.

Извинување и за регионот?

Со оглед на проблемите кои политиката на Милошевиќ ги предизвика на просторите на поранешна Југославија, се поставува и прашањето дали тоа извинување освен на граѓаните на Србија би требало да им биде упатено и на граѓаните од регонот.

Serbien SPS-Vorsitzender Ivica Dacic
Трагата на Милошевиќ во СПС е се’ уште многу големаФотографија: AP

Миљенко Дерета смета дека би требало но исто како во случајот со извинувањето до српските граѓани и тука е потребно нешто повеќе од самиот ритуал на извинување: „Денес во регионалните односи од еднастрана се дава извинување за Сребреница, а од друга се инсистира на посебни односи со Република Српска која според перцепцијата на регионот и на БиХ, всушност работи на растурање на Босна и Херцеговина. Така што се’ додека не се промени дневната политика и регионот нема да може да оди напред. А СПС и нејзините извинувања во таа смисла се само мало штрафче“, вели Дерета.

Граѓаните на Србија секако заслужуваат едно вакво извинување од социјалистите, но тоа извинување секако го заслужуваат и државите во регионот кои се’ уште имаат тешки лузни од судирите во 90-те години од минатит век, смета и Милан Антонијевиќ.

Автор: Ивица Петровиќ/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска