Среќните Англичани и безволните Французи одат во четвртфинале
20 јуни 2012Англија на „Донбас Арена“ во Доњецк го победи ко-домаќинот Украина со 1:0, додека Франција загуби со 2:0 од веќе отпишаната Шведска на „Олимпискиот Стадион“ во Киев.
Првото место во „Д“ групата го освои Англија со 7 бодови, пред Франција со 4, Украина и Шведска освоија по 3.
Натпреварот во Доњецк го реши повратникот во репрезентацијата на Англија, Вејн Руни (беше казнет поради црвен картон), со голот во 48. минута по асистенцијата на капиетнот Стивен Џерард. Украинците кои беа подобар ривал во првиот дел не ги искористија своите шанси, а во 62. минута Марко Девиќ го совлада Џо Харт. Џон Тери ја исфрли во игра, иако топката ја мина гол-линијата, но сепак судијата Виктор Касаи (Унгарија) и неговите помошници не покажаа на центарот. Украина загуби и остана само да жали за пропуштените шанси.
На дуелот во Киев, Шведска оствари „пирова“ победа, откако со головите на Златан Ибрахимовиќ во 54. минута и на Себастијан Ларсон во 90. минута ја совлада Франција. Французите, сепак, одат во четвртфиналето, каде противник им е Шпанија, додека Англија за противник ќе ја има Италија.
На Европското првенство денеска е слободен ден, а четвртфиналните натпревари се играат од четврток до недела (21 до 14 јуни).