1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Среќата спречи поголема катастрофа во Стокхолм?

13 декември 2010

Истражитните органи во Шведска се речиси сигурни за идентитетот на бомбашот самоубиец во Стокхолм. Се поизвесно станува дека тој имал соработници и оти една од бомбите што ги носел експлодирала пред време.

https://p.dw.com/p/QX1v
Шведската полиција на трагата на терористичкиот напад во СтокхолмФотографија: AP

Главниот шведски обвинител Томас Линдстранд денеска (13.12.2010) изјави дека истражителите се 98 насто сигурни дека атентатот во главниот град на Шведска го извршил Тајмур Абдел Вахаб. Тој бил роден во 1981 година на Блискиот Исток, а станал шведски државјанин во 1992 година. Тој претходно не им бил познат на шведските тајни служби.

Линдстранд истакна дека нападот бил добро испланиран и покрај тоа што не успеал поради тоа што најверојатно една од бомбите што ги носел Вахаб експлодирала порано од планираното. Тој уште додаде дека истрагата верува оти напаѓачот не дејствувал сам, туку дека имал поддршка од повеќе други лица. Засега меѓутоа нема конкретни осомничени.

Една од трагите води кон Велика Британија

Претходно во текот на ноќта полицијата во Англија изврши претрес во една куќа северно од Лондон. Скотланд јард соопшти дека рацијата била изведена во областа Бедфордшир, но притоа немало апсења ниту пак биле запленети опасни материјали. Во куќата, во која бил извршен претресот во местото Лутон, до пред само две недели живеел осомничениот атентатор Тајмур Абдел Вахаб.

Stockholm Explosionen Jahresrückblick 2010 International FLASH Galerie
Фотографија направена во моментот на експлозијатаФотографија: AP

Тој студирал на универзитетот во Бедфордшир, а во Лутон и натаму се неговата жена и трите деца. Полицијата одби да ги коментира ваквите извештаи. Еден од соседите во Лутон беше порасположен за изјави во врска со 29 годишниот Ирачанец:

„Кога се досели тука го прашав од каде доаѓа, од Палестина ли и како се вика. Тој ми се претстави, но потоа повеќе не зборував често со него. Тој само ќе речеше ’здраво’ кога ќе се видевме“.

Можеше да биде и многу полошо

Граѓаните на Стокхолм и натаму се шокирани од случувањата во саботата вечер.

„Тоа многу ме потсетува на убиството на Олаф Палме. Живеам овде веќе 70 години. Страшно е дека тероризмот сега дојде и во нашата мала престолнина“.

„Атентатот не успеа и невозможно е тој повторно да го стори тоа. Сепак тоа вознемирува, конечно ова се случува првпат кај нас“, велат овие жители на главниот град на Шведска. Никој од нив не може вистински да си објасни што се случи во саботата, а пред се’ што ќе се случеше ако не експлодираше една, туку сите шест експлозивни направи кои атентаторот ги носел со себе.

Автор: СН/ БГ/дв/афпе/дпа

Редактор: Горан Чутаноски