1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Средношколците повторно без учебници

11 август 2010

Пред почетокот на учебната година извесно е дека македонските средношколци повторно нема да имаат учебници. Не станува збор за пропусти во МОН, туку професорите немаат интерес за пишување наставна литература.

https://p.dw.com/p/Oi6r
Фотографија: Institut der Deutschen Wirtschaft

И оваа, втора година по ред, учениците од средните стручни училишта во Македонија, наставата ќе ја почнат без учебници, што бесплатно треба да ги добијат, согласно одлуката на македонската влада. Иако од МОН на неколку пати се најавуваше дека годинава ќе има учебник за секој наставен предмет, сепак, до 1 септември ќе се отпечатат само дел или половината од потребните 536 учебници. Причината е банална, иако повеќе наликува дека е загрижувачка - на неколкуте конкурси за пишување учебници не се пријавиле автори кои би ги пишувале наставните материјали.

Schule Niko Nestor
Училиштето Нико Нестор во СтругаФотографија: Petr Stojanovski

Од тие причини професорите и учениците од средните стручни училишта, пред се’ економските, медицинските и техничките, и годинава ќе бидат присилени наставата да ја спроведуваат со диктирање во тетратки или преку скрипти, што во многу нешто го изместува наставниот процес и вкупниот квалитет на наставата. „Половина од учебниците, околу триста ќе ги обезбедиме, за останатите до 536 се надевам дека ќе ги имаме до почетокот на наредната учебна година“, деновиве истакна министерот за образование и наука Никола Тодоров.

Материјалот се диктира, време за прашања нема

Дел од учениците кои деновиве Дојче веле ги праша за мислење, сметаат дека на овој начин наставата им е потешка, но испрашувањата пак им се олеснети затоа што учат само дел од наставната програма. „Ние немавме учебници по ниту еден предмет и секој ден по седум часа ни диктираа што е многу тешко. Професорите брзаа да ни го предадат материјалот, а испрашувањата беа полесни.“ - „Напорно. Немавме време за поставување прашања“ - „Имавме учебници само за двата странски јазици, предавањата беа тешки, но испрашувањата беа полесни затоа што поголемиот дел од материјалот беше скратен,“ велат неколку средношколци од економските училишта.

Zweisprachige Schule Arsenije Jovkov Skopje
Училиштето Арсение Јовков во СкопјеФотографија: DW

МОН формира авторски тимови

Nikola Todorov Mazedonischer Bildungsminister
Министерот за образование и наука Никола ТодоровФотографија: MIA

Според министерот Тодоров, МОН редовно ги информира и поттикнува универзитетските професори и наставниците да се зафатат со пишување на учебници, да станат нивни автори, за што ќе добијат и соодветни хонорари. „Веројатно наставниците не се подготвени да напишат учебници од кои ќе се учи во цела Македонија, или можеби затоа што до сега не направиле такво нешто“, вели Тодоров. Од тие причини МОН сега формира авторски тимови кои ќе ги пишуваат потребните учебници.

Состојбата со учебниците за основните училишта, каде исто така се делат бесплатни учебници е многу подобра, бидејќи за основците веќе се печатат учебниците за петто и осмо одделение, а годинава ќе ги има и учебници за четврто и седмо одделение.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Александра Трајковска