Средба под знакот на спорот за името и меѓуетничките тензии
15 мај 2010Одолговлекувањето на решавањето на спорот за името може да ја наруши, да ја блокира или замрзне евро-атланската агенда на Македонија. Со овој речиси идентичен став денеска и излегоа лидерите на владејачката ДУИ, Али Ахмети и на опозициската СДСМ Бранко Црвенковски, по завршувањето на неформалната средба што ја организираше претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов. Наспроти нив претседателот Иванов и премиерот и претседател на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски со став дека Македонија и натаму има шанси за компромисна формула за спорот за името и да продолжи со евро-атланската интеграција.
Тачи и Селмани не дојдоа
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска ја организираше неформална средба за претседателите на најголемите партии во Република Македонија. На средбата учествуваат претседателите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на СДСМ Бранко Црвенковски, на ДУИ Али Ахмети, додека иако поканети во катлановската подружница на резерватот Јасен не дојдоа лидерите на ДПА, Мендух Тачи и на Нова Демократија Имер Селмани. Селмани на прес-конференција соопшти дека неговата партија нема да учествува и на следните вакви средби се’ додека претседателот, премиерот и владиниот коалициски партнер ДУИ не ги решат судските предмети Сопот, Бродец и четирите хашки случаи. Своето учество на лидерски средби Селмани го условува и со продолжување на преговорите за инсталирање на двојното гласање во Уставниот суд, Републичкиот судски совет и при усвојвување на буџетот на државата, како и меѓупартиски и меѓуетнички дијалог и решавање на спорот со Грција за името и деблокирање на интеграциските процеси.
Македонскиот претседател Ѓорге Иванов ја организираше оваа средба по посетата на помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија Филип Гордон, кој деновиве во Скопје порача дека до сега немало подобро време за решавање на спорот за името и шанси за евро-атланската интеграција на Македонија.
Автор: АЧ/АТ/СН/миа
Редактор: Симе Недевски