Средбата кај Вељаноски е прекината
31 јануари 2011На средбата требаше да се разговара за актуелните собраниски случувања, но се појавија само координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, Силвана Бонева и Тахир Хани и потпретседателот на Собранието Рафиз Алити. Средбата треба да продолжи попладнево (31.01).
Претседателот на Парламентот Вељаноски во саботата ги повика сите координатори да присуствуваат на денешната средба. Тој во писмената изјава во која ги повика претставниците на опозицијата да присуствуваат на средбата, изрази очекување дека тие ќе дојдат, бидејќи, како што наведе, отворените прашања треба да се решаваат со политички дијалог.
„Парламентот е местото каде треба да се изнесат прашањата и да се спротивстават аргументите, пред очите и судот на јавноста. Парламентарците токму за тоа се избрани и одговорноста е заедничка“,укажува Вељаноски.
СДСМ, НСДП, НА, ЛП и НД објавија дека веќе нема да учествуваат во работата на македонското Собрание, вклучувајќи ги и координациите, комисиите и другите собраниски тела. ЛДП соопшти дека останува во Парламентот, кој веќе повеќе од една година го бојкотира ДПА.
Автор: ЕМФ/ миа/ макфакс
Редактор: Александра Трајковска