Србија ќе поднесе барање за членство со ЕУ
20 декември 2009Српскиот претседател Борис Тадиќ и премиерот Мирко Цветковиќ вчера во име на Владата потпишаа барање и меморандум за поднесување кандидатура за полноправно членство на Србија во ЕУ. Српските државници оценија дека тоа е голем свечен ден за Србија, затоа што со одлуката за кандидатура е трасиран патот на земјата кон насоката во која понатаму ќе се движи.
Историски важен чекор
Шведското претседателство го покани српскиот претседател Борис Тадиќ, во вторник на 22 декември официјално да ја поднесе кандидатурата на неговата земја за членство со Европската унија. Фредерик Рајнфелд, премиерот на Шведска, која претседава со Унијата до крајот на годинава во соопштение наведе дека со задоволство ќе го прими претседателот на Србија, Борис Тадиќ во Стокхолм.
Шефот на шведската дипломатија, Карл Билт пак во својот блог на интернет ја поздрави одлуката на српската влада да поднесе барање за членство во ЕУ
„Ова е историски важен чекор за Србија“, порача Билд, додавајќи дека на официјалниот чин на предавање на кандидатурата во вторник во Стокхолм ќе присуствува и еврокомесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен.
Зелено светло од Хаг
Претходно министрите за надворешни работи на ЕУ дадоа зелено светло за приближување на Србија кон ЕУ. Одлучувачки беше ставот на Меѓународниот трибунал за воени злосторства во Ден Хаг. Судиите потврдија дека српската влада соработува со трибуналот.
Автор:АТ/СН/дв/миа
Редактор: Симе Недевски