1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија уште без датум

ЖА/миа/макфакс25 јуни 2013

Министрите за надворешни работи на ЕУ не ја донесоа одлуката за конкретен датум за преговори со Србија. Таа ќе биде разгледана на Самитот на шефови на држави или на влади в петок, но се предлага крајот на годината.

https://p.dw.com/p/18vhk
Фотографија: AP/Montage DW

Одлуката за почеток на преговорите за членство на Србија во ЕУ ќе биде разгледана на Самитот на шефовите на држави или влади на членките на Унијата што ќе се одржи в петок, изјави денеска германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле.

„Не очекувајте конечна одлука за доделување на датум за почеток на пристапните преговори на Србија со Европската унија денеска. Тоа ќе се случи в четврток или петок на Самитот на Европскиот совет во Брисел“, изјави Вестервеле на прес- конференција во Луксембург, откако предвреме го напушти состанокот на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК).

Според агенцијата МИА, токму поради Германија нема консензус за тоа кога Србија да ги почне преговорите за членство. Вестервеле нагласи дека договорот од Брисел меѓу Белград и Приштина од 19 април е историски и дека Германија ја цени и поздравува имплементацијата на оваа спогодба, што резултира со позитивна реакција од Унијата за напорите на Србија и Косово.

„Тоа значи дека Европскиот совет кон крајот на неделава ќе одлучи дали да објави конкретен датум кој ние ќе го поддржиме. Но, во секој случај не треба да се очекува одлуката да се донесе денеска, оти тоа и никогаш не беше најавено. Одлуката ќе се донесе на претстојниот Самит, а ние ќе ги советуваме шефовите на држави или влади и мислам дека сме на добар пат“, истакна Вестервеле.

Шефот на германската дипломатија веднаш се враќа за Берлин каде со Бундестагот ќе разговара за тоа дали законодавниот дом на Германија ќе даде зелено светло за преговори за Србија. Според Вестервеле, кај германските пратеници се забележува конструктивен пристап кон ова прашање. Инаку, според информациите од состанокот на Советот на министри, кој по паузата попладнево повторно заседава на тема датум за Србија, 26 земји се за тоа Белград да ги почне официјалните преговори за членство во декември оваа година, до кога Европската комисија би формирала преговарачка рамка, би го започнала т.н. скрининг-процес и потоа би се формирала Меѓувладина конференција.

Германија е единствена што не се согласува со ова и инсистира Србија да ги почне преговорите во јануари 2014 година, па затоа се очекува конечната одлука да ја донесе Европскиот совет на претстојната средба, откако в четврток Бундестагот ќе ја соопшти својата официјална позиција по ова прашање.

Serbien Tomislav Nikolic PK in Belgrad Archiv 01.04.2014
Томислав Николиќ апелира до ГерманијаФотографија: Reuters

Српскиот претседател Томислав Николиќ ја повика Германија да и’ даде поддршка на Србија во добивањето на датум за почеток на преговорите за полноправно членство во Европската унија и изрази убедување дека Брисел на Белград ќе му даде „историска шанса“.
Српскиот претседател Томислав Николиќ и’ се обрати на Германија како на
„највлијателната членка на Европската унија“, да го поддржи одредувањето на
датум за почеток на пристапните преговори за полноправно членство на Србија
во Унијата, тврдејќи дека Германија на тој начин ќе покаже колку се залага
за помирувањето, мирот и стабилноста во регионот во кој се наоѓа неговата
земја. Тој изрази и убеденост дека ЕУ на 28-ми јуни на Србија ќе и’ „даде
историска шанса“.
„Велат дека сега сe‘ е во рацете на највлијателната членка, Германија.
Претпоставувам дека е тешко да се носи на плеќите толкава одговорност. Не
ни беше ниту нам лесно да ги исполнуваме барањата во најтешката можна
ситуација, Убеден сум дека правото и правдата ќе претежнат на 28-ми јуни“,
истакна Николиќ во неговата писмена изјава за јавноста пред одлуката за
пристапните преговори на ЕУ со Србија, што ја цитира Танјуг.