1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија: Смена на генерациите кај насилниците против хомосексуалците

18 март 2012

Може ли една судска пресуда за насилник кој и се заканувал на геј популацијата во Србија да биде сигнал дека работите одат на подобро? И да е така патот ќе биде долг, велат експерти.

https://p.dw.com/p/14Ft2
Сцени на насилство за време на една Парада на гордоста во БелградФотографија: picture-alliance/dpa

Пред судот во Белград неодамна е изречена пресуда од три месеци затвор со две години условно на лицето кое преку Фејсбук им се закануваше на припадниците на ЛГБТ популацијата во Србија. (ЛГБТ е акроним од англиски јазик за Lesbian, Gay, Bisexual and Transgender).

Тоа значи дека доколку неправосилно осудениот Сима Владичиќ во наредните две години го повтори ова казнено дело ќе ја отслужи својата казна затвор во траење од три месеци.

Тој на припадниците на хомосексуалната популација и се закануваше во рамките на групата на Фејсбук наречена „500 илјади Срби против геј парадата“. Парадата на гордоста во Белград минатата година не беше оддржана токму поради тоа што полицијата процени дека безбедноста на нејзините учесници би можела да биде загрозена од голем број екстремисти.

Има ли исчекор на подобро...

Што и дали воопшто нешто се промени во односот кон геј популацијата во Србија од минатата есен до денес?

Лазар Павловиќ од организацијата „Геј-стрит алијанса“ вели дека оваа пресуда покажува извесен исчекор во судската пракса и додава дека целиот случај и медиумски бил добро проследен.

Serbien Belgrad Umzug von Homosexuellen und Sympathisanten
Српските геј- активисти последен пат одржаа Парада на гордоста во октомври 2010. годинаФотографија: picture-alliance/dpa

„Значи целиот процес за српски околности и за српското судство е релативно брзо завршен, што е определен вид напредок. Е сега, колку тоа ќе има влијание врз некои идни случаи, колку судовите и обвинителствата ќе се повикуваат на оваа пресуда како некој вид пример, тоа пред се’ зависи од самите судии и обвинители и ќе видиме како тоа ќе функционира во иднина“, вели Павловиќ

... но и натаму статус кво?

Горан Милетиќ од организацијата „Заштитници на човековите права“ и еден од организаторите на минатогодишната неодржана Парада на гордоста истотака е делумно задоволен од пресудата, но истакнува дека судот изрекол минимална казна , што, смета тој не придонесува за подобрување на односот на општеството кон ЛГБТ популацијата.

„Полицијата сега реагира и доколку пријавите напад, веројатно ќе го уапси оној кој ви се заканувал или ве нападнал. Меѓутоа кога тоа ќе стигне до судството, случајот се развлекува и се завршува токму вака, со некои многу лесни казни, кои не обесхрабруваат никого и натаму да го прави тоа казнено дело. А тој веројатно во очите на оние кои го опшкружуваат ќе стане херој“, оценува Милетиќ.

Како да се промени атмосферата на насилство во Србија?

Лазар Павловиќ пак смета дека е многу важно да се сензибилизира јавноста, како и самите жртви да пријавуваат вакви напади врз припадници на ЛГБТ популацијата.

„Важно е секогаш да се пријавуваат такви работи и да се процесуираат, бидејќи единствено така можеме да оствариме напредок, и кога станува збор за работата на судството и на обвинителствата и кога станува збор за самата сензибилизација на популацијата која е загрозена - да свати дека самата треба да си застане во заштита“, порачува Павловиќ.

Serbien Rechtsextremismus
Парадата во октомври 2010. беше проследена со големи протести но и насилствоФотографија: picture-alliance/dpa

Горан Милетиќ, меѓутоа смета дека во српското општество и натаму доминира атмосфера на насилство. „Оние кои се закануваат само се размножуваат па сега дојде и нова генерација на оние кои се закануваат. Тоа се млади кои имаат 18,19 години, родени во почетокот на 90. години. Значи тие кои се закануваат а подоцна и напаѓаат- се токму многу млади луѓе, тоа е смена на генерациите кај насилниците. И тие не гледаат ништо проблематично во тоа да нападнат некого, па насилството само се надоврзува на заканите“, смета Милетиќ.

Инаку Фејсбук групата наречена „500 илјади Срби против геј парадата“ постои и днес и преку неа и натаму се шират омраза и закани против ЛГБТ популацијата. За жал има и случаи во медиумите оваа популација да се изедначува со педофили. Се’ на се’ и Милетиќ и Павловиќ се согласуваат за тоа дека пред Србија е уште долг пат на борба против наследството од 90. години.

Автор: Динко Грухоњиќ/ Симе Недевски

Редактор: Александар Методијев