1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија - разочаран поглед наназад

12 февруари 2012

Денеска (12.02) се навршува уште една година од уличните протести, кои осум месеци подоцна, на петти октомври 2000 година доведоа до уривање на Слободан Милошевиќ. Но тогашните бунтовници денес се се‘, само не задоволни.

https://p.dw.com/p/141Im
Што остана од идеалите?Фотографија: Picture alliance/dpa

Власта на Милошевиќ беше урната од коалиција на дури 17 опозициски партии - Демократската опозиција на Србија (ДОС), која се формира во јануари 2000 година, по силни маки и цела деценија опозициски расправии кои одеа во полза на режимот.

ДОС ја поддржуваа и некои невладини организации, како група економски експерти од Г17 плус, која подоцна ќе прерасне во политичка партија. ДОС ја поддржуваа и некои синдикати, но пред се‘ ја поддржуваа млади активисти од „анти Милошевиќ“-движењето Отпор, кои имаа богато искуство во борба против режимот.

Што е нормално?

Владимир Јешиќ беше еден од најистакнатите и најмногу апсен „Отпораш“. За разлика од некои членови на Отпор кои по смена на власта преминаа во политиката или дипломатијата, на Јешиќ не му било до тоа. Почнал да се занимава со новинарство, а денес се обидува да се занимава со бизнис. „Во 1998 и 1999 година, кога бевме апсени од страна на режимот на Милошевиќ, на многу пријатели им зборував да не си одат од Србија, мислејќи дека сите заедно ќе можеме да создадеме земја во која нормално ќе живееме. Мислав дека конечно ќе се оствари нашата парола: ’Ќе дојде и зима, ќе правиме Снешко и Србија ќе биде слободна како Чешка!’ Очигледно, ние тие години не ги доживеавме“, вели Јешиќ.

Gedenken an Slobodan Milosevic Ivica Dacic am Grab von Milosevic
Ивица Дачиќ на гробот на МилошевиќФотографија: picture-alliance / dpa

Според зборовите на Јешиќ, силната граѓанска енергија од 2000 година се потроши, бидејќи во Србија всушност никогаш не се случија вистински промени: „Човекот кој не‘ апсеше, сега е човек кој е прогласен за ’Европеец’, што е целосен апсурд! Кога на некого од другите земји му зборувате дека човек на Милошевиќ е на чело на полицијата (Ивица Дачиќ, потпретседател на Владата и член на Социјалистичката партија на Србија која во 1990 година ја основаше Милошевиќ), тие не можат да поверуваат. Нам тоа целосно ни е нормално, а тоа е најопасното. Ние едноставно оглупавевме и сме летаргични...“, оценува Владимир Јешиќ.

Елитата не сака промени

Миодраг Исаков беше еден од 17-те лидери на ДОС, а едно време и потпретседател на Владата на Србија, а потоа и амбасадор во Израел. Исаков со години е надвор од политиката и вели дека своите убедувања не ги променил:

Studenten fordern Milosevic-Rücktritt Flash-Galerie
Активисти на Отпор на демонстрации во Белград, во септември 2000 годинаФотографија: Picture alliance/dpa

„Јас и натаму сум убеден дека не може ништо да се промени на подобро без пресметка со валканиот капитал, стекнат на сметка на пропаста на државата и граѓаните, бидејќи тој капитал и понатаму поттикнува корупција и ги контролира сите општествени и економски текови. Елитата – политичката, економската и културната – не сака суштински и вистински промени, не сака средена држава, бидејќи во таква држава тие не можат да бидат елита“, смета Исаков.

Исаков смета дека не била илузија идејата од 2000 година која ги покрена граѓаните на бунт против режимот, дека од Србија може да се направи пристојно место за живеење:

„Не беше илузија дека од оваа земја може да се направи сериозна правна држава и праведно општество. Тоа може да се направи и денес, но секако мора да се избрка се‘ она што сега ја сочинува елитата во оваа земја. И тоа повеќето од нив треба да бидат уапсени! Нема демократија во Србија се‘ додека не се уапсат повеќето политичари и стопанственици“, остро оценува Миодраг Исаков.

Подобрата иднина е некаде на друго место

Владимир Јешиќ пак, е песимист во поглед на иднината: „Би било добро сите кои можат да најдат излез од оваа земја, да најдат некоја иднина за себе во некои други земји, кои ќе им понудат да се школуваат, да живеат и работат во некое нормално опкружување, каде не е загрозена основната егзистенција, земји во кои политичарите нема да ги сметаат најобично гласачко тело. За жал, тука нема иднина“, смета Јешиќ.

Opposition feiert Wahlsieg in Belgrad Flash-Galerie
Од челниците на ДОС во политиката денес се активни уште само шестминаФотографија: Picture alliance/dpa

Со тешка мака основаната ДОС почна да се распаѓа практично веднаш по падот на Милошевиќ, а состојбата кулминираше со убиството на премиерот и главниот покренувач на промените - Зоран Ѓинѓиќ, во 2003 година.

Од челниците на ДОС во политиката денес се активни уште само шест луѓе: Драгољуб Мичуновиќ, Војислав Коштуница, Велимир Илиќ, Ненад Чанак, Жарко Кораќ и Расим Љајиќ. Тројца починаа, а еден од лидерите, генералот Момчило Перишиќ, заврши во Хаг.

Автор: Динко Грухоњиќ / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска