1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија очекува избалансиран став на Меѓународниот суд

21 јули 2010

Меѓународниот суд на правдата треба утре (22.07.2010) да го соопшти мислењето околу независноста на Косово. Експертите во Србија очекуваат дека ставот на Судот ќе биде избалансиран и ќе создаде подлога за нови преговори.

https://p.dw.com/p/OQcJ
Меѓународниот суд на правдата во ХагФотографија: DW

Меѓународниот суд на правдата во случајот со независноста на Косово фактички треба да одлучи околу приматот меѓу два легитимни принципа: едниот е принципот на суверенитет и територијален интегритет, а вториот е правото на народите на самоопределување. Меѓународниот суд во Хаг, освен тоа, мора да води сметка и за фактот дека неговата одлука ќе има функција на преседан во меѓународното право, а ќе има и големо влијание врз стабилноста во балканскиот регион, па и пошироко.

Тешка одлука

Експертот Симеон Побулиќ од Форумот за меѓународни односи, смета дека одлуката на Судот ќе води сметка за двата принципа. Тоа, пак, ќе отвори простор за нови преговори околу иднината на Косово:

Boris Tadic
Српскиот претседател Борис ТадиќФотографија: DPA

„Мора да се прифатат некакви нови преговори, можете да ги викате како сакате. Во секој случај мора да се водат преговори, во кои ќе се најде решение за Албанците да можат да управуваат сами со себе, но исто така истото право да им се даде и на Србите на Косово. Тие преговори не мора автоматски да бидат преговори за статусот на Косово, туку треба да опфатат цел комплекс прашања, кои останаа нерешени со планот на Ахтисари“, појаснува Симеон Побулиќ.

Меѓу таквите теми тој ги вбројува враќањето на бегалците и нивните имоти, нивната безбедност и правна сигурност, судењето на воените злосторници, заштитата на српското културно и верско наследство на Косово, но и практичните прашања на енергетиката, сообраќајот и трговијата.

Предупредувања од Западот

Во последно време дојдоа повеќе предупредувања од западните земји, кои ја признаа независноста на Косово, дека ако има преговори, тие не можат да се водат за статусот на Косово, за промени на неговите граници или пак за размена на територии. Поради тоа, тие сметаат дека одлуката на Судот нема да и’ донесе никаква практична полза на Србија. Но, Симеон Побулиќ смета дека ваквите ставови може и да се сменат, особено ако Судот донесе одлука што ќе оди во полза на Србија:

Kosovos President Fatmir Sejdiu
Косовскиот претседател Фатмир СејдиуФотографија: DW/Anila Shuka

„Конечно, ако и дојде до некакви преговори, тоа ќе биде долгорочен процес. Односите во светот се менуваат. Сега ќе остане на големите сили да најдат решенија, бидејќи тие и ја предизвикаа сегашната состојба. Сметам дека тие тоа и ќе го сторат, бидејќи би било многу несериозно доколку сега се’ заборават.“

Нова резолуција на ОН?

Експертот Ненад Васиќ, пак, оценува дека Србија во секој случај по донесувањето на одлуката на Меѓународниот суд во Хаг ќе инсистира на донесување и нова резолуција на ОН за Косово. Србија очекува одлуката да биде во нејзина корист и ќе се обиде да го искористи тоа во август, кога ротирачкото претседателство со Советот на безбедност на ОН го презема Русија. Таа резолуција би требало да даде нова подлога за разговори за Косово: „Станува збор за две многу оддалечени почетни позиции. Тоа не влева голема надеж, ниту пак ни‘ даваат надеж дека можеме да очекуваме оти наскоро ќе дојде до нови преговори...“

Според Ненад Васиќ, координатор на Групата за Косово, битно е одлуката на Судот да не биде исклучива, туку да биде атрактивна и за албанската страна. На тој начин, може да се добие и поддршката од меѓународната заедница.

Автор: Ивица Петровиќ / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска