1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија-инспиратор за египетската револуција!

16 февруари 2011

Србија на извесен начин стана извозник на демократија. Активностите на движењето „Отпор“ и ненасилното спротивставување на режимот, им послужија како инспирација на многу демократски движења ширум светот, па и во Египет.

https://p.dw.com/p/10Hiy
Демонстрациите во Србија во 2000 година против Слободан МилошевиќФотографија: picture-alliance / dpa

Млади египетски активисти наведуваат дека биле привлечени од методите на борба на „Отпор“, благодарејќи на кои е и урнат режимот на Слободан Милошевиќ.

Протестите во арапскиот свет се секако светски феномен, вели за Дојче веле Срѓан Поповиќ, директор на Центарот за применета ненасилна акција. Поповиќ е некогашен член на српското движење „Отпор“, кој своето искуство го пренесе во новата организација, а која работи на универзитети и со активисти ширум светот.

„Досега сме се сретнале со луѓе од 37 различни земји, што се разбира вклучува и многу земји на Блискиот Исток. Ние не сме организација која што дава конкретни совети. Ние на луѓето им даваме средства за да се организираат, им даваме примери за тоа како тоа некои други го сториле тоа, а тие потоа сами ја водат својата борба. Ова поради причина што ако сакате да успеете во ненасилна борба, последно што треба да направите е да слушате странци. Мислам дека е тоа лекција што Египќаните многу добро ја сфатија. Тие на многу својствен и автентичен начин ги организираа овие протести.“

Milosevic und seine Generäle
Слободан Милошевиќ и неговите генералиФотографија: AP

Огромен интерес за искуствата од Србија

„Отпор“ како идеја и симбол инспирираше многумина ширум светот, особено по филмот „Уривањето на диктаторот“ и книгата „Ненасилна борба во 50 точки“, вели Поповиќ. Документарецот за српската револуција е прикажуван ширум светот во домовите на активистите и преведен е на 17 јазици. Книгата доби популарен наслов - Револуција за почетници и по преводот на арапски и фарски во 2009 година, забележа десетици илјади симнувања од интернет. Во сето тоа се наоѓаат некои општи принципи на „Отпор“ кои се применувани и во Египет, вели Поповиќ:

„Она што ми е најдраго е што мислам дека во нив доминира ненасилна дисциплина. Мислам дека токму со ненасилна дисциплина Египќаните успеаја да избегнат многу грди провокации на режимот. Мислам дека на извонреден начин го инспираа светот и му покажаа дека во тие арапски земји сепак постои огромен потенцијал за промени.“

Срѓан Поповиќ наведува дека и книгата и филмот се извонредна приказна за тоа како се‘ може да тргне од мала група млади луѓе и токму таа приказна го направи „Отпор“ светски бренд:

„Значи не се потребни големи партии, не се потребни големи пари, не е потребна голема стратегија. Потребни се малку луѓе, една добра идеја и упорна работа одоздола нагоре.“

Идеите на „Отпор“ уште долго ќе бидат актуелни

Срѓан Миливојевиќ, како и многу негови колеги од движењето „Отпор“, по демократските промени во Србија замина во политика. Денес е пратеник на владејачката Демократска партија. За него, влијанието на „Отпор“ на многумина ширум светот не е никакво изненадување.

Ägypten Kairo Revolution Mubarak Sturz Rücktritt 13.02.2011
Протестите во Египет против Хосни МубаракФотографија: AP

„Јас сум апсолутно убеден дека уште долго време идејата на ’Отпор’, во вид на ненасилна борба против диктатурата и ненасилна борба за промена на еден недемократски режим, идејата за ненасилна борба во желба да се освои слободата - тие идеи на ’Отпор’ уште долго ќе им бидат инспирација на сите луѓе желни за слобода, ширум светот.“

Идеите на „Отпор“ се се‘ уште актуелни, зашто во десетици држави има недемократски режими, забележува Миливојевиќ. Сите тие имаат многу причини да веруваат дека сето она што го направи „Отпор“ во Србија ќе биде добро и за нивните земји и дека до тоа можат да дојдат на мирен, цивилизиран и ненасилен начин, оценува Миливојевиќ.

Автор: Ивица Петровиќ /Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска